Охридскиот аеродром наскоро ќе добие целосно нов изглед и зголемени капацитети, откако реконструкцијата на објектите се приближува кон финалната фаза. Завршувањето на градежните активности се очекува до крајот на летото, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
При денешната работна посета во Дебрца, Николоски информираше дека паралелно се реализираат четири проекти на аеродромот, со степен на реализација меѓу 80 и 90 проценти.
„Привршува реконструкцијата на Охридскиот аеродром и очекувам до крај на летото да го завршиме. Ќе добиеме еден нов аеродром, нова административна зграда, но најважно нова терминална зграда, повеќе место за слетување и полетување, што ќе го зголеми капацитетот за нови авиолинии и повеќе патници“, изјави Николоски.
Тој посочи дека по завршувањето на градежните работи, од 15 август ќе започнат активностите на надлежните институции за обезбедување целосна функционалност на аеродромот и исполнување на највисоките безбедносни стандарди.
Во процесот ќе бидат вклучени Агенцијата за цивилно воздухопловство, контролата на летање М-НАВ, Агенцијата за национална безбедност, Царината и Министерството за внатрешни работи.
Според Николоски, модернизацијата на аеродромот ќе овозможи подобри услови за патниците и отворање можности за воведување нови авиолинии.
„Драго ми е што Охридскиот аеродром расте и во апсолутна бројка и процентуално според последните извештаи, и тоа ќе продолжиме да го правиме и во следниот период“, рече министерот за транспорт.
