Предметот „Попис“ во кој осомничен е лидерот на ДУИ, Али Ахмети денеска бил во обвинителството и дал своја одбрана, велат од Јавното обвинителство за ТВ21.
„Предметот за кој покажувате интерес е во истражна постапка и по него активно се постапува. Во текот на денешниот ден еден од осомничените беше повикан на распит во обвинителството и даде своја одбрана. Во моментов Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во интерес на истрагата не може да сподели детали“, велат од ЈО за ТВ21.
Истрагата по предметот „Попис“ ја отвори поранешното СЈО, за потоа да ја преземе ОЈО за организиран криминал и корупција.
Случајот „Попис“ се однесува на пропаднатиот попис во 2011 година. Според СЈО, со запирањето на пописот на населението тогашниот премиер Груевски, кој сега е во бегство, и неговиот тогашен коалициски партнер во владата Ахмети, нанеле штета на Буџетот во висина од 2,8 милиони евра.
