Околу 10% од населението во земјава страда од бубрежни заболувања, додека 160 пациенти се на активната листа за трансплантација на бубрег. Здравствените институции информираат дека се работи на подобрување и олеснување на трансплантацијата на бубрег и дека се подготвува нов закон. Со овие измени се проширува семејниот круг на лица кои можат да донираат бубрег како живи донатори.
„Имаше ситуации кога сопругата можеше да донира за сопругот, но првиот братучед не можеше да донира бидејќи е четврта генерација. Токму во таа насока се овие измени, да се направат промени во трансплантацијата од жив донор, каде што ќе се зголеми прагот, односно генерациите кои можат да донираат бубрег за пациентите на кои им е потребен“, изјави Никола Ѓорѓиевски, директор на Клиниката за нефрологија.
Националната координаторка за трансплантација Билјана Кузмановска истакна дека често се појавуваат проблеми и во случаите кога станува збор за починати донатори, бидејќи семејствата првично даваат согласност, но подоцна, кога сè е подготвено во операционата сала, се предомислуваат. Таа апелираше за подигнување на свеста за донирање органи, особено од починати донатори.
„Апелираме секој најпрво да размисли за себе, да разговара со семејството и да го искаже својот став во врска со донирањето органи по смртта. Нема ништо повредно од спасување човечки живот, во момент кога еден живот згаснува“, вели Кузмановска.
Министерот за здравство Алиу се надева дека до крајот на април законот ќе биде подготвен и ќе биде изгласан во Собранието.

„Сметам дека до крајот на април законот ќе биде подготвен како процедура и во парламентот и верувам дека со овој пристап ќе се олесни пристапот до донор.“, рече Алиу.
Во Македонија, околу 85% од пациентите со терминална бубрежна инсуфициенција се лекуваат со хемодијализа, додека околу 15% со трансплантација на бубрег. По тој повод беше упатен апел за зголемување на свеста за важноста на трансплантацијата како чин што спасува животи и претставува највисок израз на човечка солидарност.
