Семејно насилство во загрижувачки размери во Kичево – расте бројот на жртви во 2026

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Семејното насилство стана загрижувачки феномен. Психолозите алармираат за негативното влијание што насилството го има врз децата. Семејното насилство главно ги опфаќа жените, но во поретки случаи и мажи или други членови на семејството.

„Семејното насилство е тешка и болна тема и е категорија на која треба да ѝ се посвети внимание. Ние како психолози, психотерапевти, социјални работници треба да соработуваме за да им помогнеме на жртвите на семејно насилство. Важен е гласот на лицето кое е погодено од насилство, за превенција на семејното насилство, да каже дека е дел од тоа“, вели Јасмина Дејановска.

Овој загрижувачки феномен бележи пораст во Кичево, што го покажуваат и статистиките.

Во текот на целата 2025 година биле пријавени 18 случаи на семејно насилство, додека само во првите четири месеци од 2026 година се пријавени 15 случаи – алармантна бројка која укажува на значително зголемување на овој феномен.

„Од почетокот на 2026 година до денес, во СВР Кичево се пријавени 15 кривични дела поврзани со семејно насилство. За сторителите се поднесени соодветни пријави“, вели Стефан Димовски од СВР Охрид.

Девет од пријавените дела се за „Телесна повреда“, но има и пријави за „Тешка телесна повреда“ и „Загрозување на сигурноста“.

Во 2025 година е регистрирано едно кривично дело „Убиство“ и две за „Убиство во обид“.

„Важно е раното детектирање на семејното насилство, односно од градинки, училишта, секаде каде што се движи жртвата. Доколку се детектира рано, треба и порано да се превенира. Од наша страна како психолози што работиме на оваа тема, важно е да соработуваме со институциите“, вели Јасмина Дејановска.

За разлика од претходните години, жртвите се повеќе се освестени и почесто бараат помош, изјави психологот Дејановска, која ги охрабрува сите погодени од насилство да не молчат, туку да се охрабрат и да побараат помош.