Се „крчкаат“ новини во вториот и третиот пензиски столб – растечко, балансирано и конзервативно портфолио во зависност од возраста

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Се „крчкаат“ новини за осигурениците во вториот задолжителен и третиот доброволен пензиски фонд. Се воведуваат мултифондови во капитално финансираното пензиско осигурување. Се одврзуваат рацете на приватните пензиски друштва кои парите на осигурениците ќе можат повеќе да ги оплодуваат. Пресудна е возраста на осигурениците, а изборот се три портфолија – растечко, балансирано и конзервативно. Новите решенија веќе се ставени на ЕНЕР каде има забелешки и коментари. Од Министерството за социјална политика велат тие ќе се разгледаат и ќе бидат дел од извештајот кој ќе биде доставен до Владата.

„Во задолжителното капитално финансирано пензиско осигурување при изборот на видот на портфолио во задолжителен пензиски фонд, осигуреникот треба да се води од навршените години на живот при што: осигуреник на возраст до 45 години може да избере растечко или балансирано портфолио,осигуреник на возраст од 45 години до 57 години може да избере растечко, балансирано или конзервативно  портфолио и осигуреник на возраст над 57 години на живот може да избере балансирано или конзервативно  портфолио“, вели Министерството за социјална политика.

Од ресорот објаснуваат дека новините доаѓаат бидејќи сега секое друштво управува со само еден фонд и со една единствена стратегија за инвестирање за сите членови, без оглед на возраст или времето до пензија. Велат дека тоа создава проблем, ризично е за постарите кои се блиску до пензија и ограничено за помладите кои би можеле да имаат повисок принос.

„Важечките прописи не обезбедуваат соодветна заштита на вредноста на средствата пред пензионирање бидејќи околу 30% од вредноста на средствата на пензискиот фонд се инвестираат во акциско портфолио, односно инструменти со варијабилен принос. Доколку дојде до негативни движења на финансиските пазари, лицата кои треба да се пензионираат ќе изгубат дел од својата вредност, што не би било случај доколку е имплементиран моделот на мултифондови“, велат од Министерството за социјална политика.

Со воведување на повеќе портфолија се овозможува обезбедување поголем очекуван принос за помладите членови, зголемување на стабилноста за членовите кои се приближуваат кон пензија како и намалување на ризичноста за тие кои се пред пензионирање. Инаку моментално просечната возраст на членовите 37 години.

Иако на предложените законски решенија објавени на ЕНЕР имаше забелешки и коментари, од приватните пензиски друштва не ги коментираат новините додека не стигнат финалните верзии.