Во последните 10 години, постојано расте бројот на македонски студенти кои одлучуваат да студираат во странство. Податоците укажуваат на зголемување на бројот на студенти кои си заминуваат од Македонија заради образование. Според информациите, годишно околу 1,500 студенти од Македонија заминуваат за да студираат во странство, притоа најголем број од нив избираат да студираат во Словенија, следени од Германија, Турција, Италија, Бугарија, Србија, Хрватска, Холандија, Австрија, и други земји. На пример, во академската година 2017/2018, во Словенија заминале 783 македонски студенти, а овој број продолжува да расте секоја година, достигнувајќи до 1,307 студенти во академската година 2022/2023.
За условите тие кои останале во земјава, гласот го креваат на меѓународниот ден посветен токму на нив. Велат условите за живот во студентските домови се под секое човечко достоинство. Прашуваат до кога студентите ќе бидат како во затвор и ќе го трпат системското безредие? Овие прашања и фотографии ги споделија на друштвените мрежи потсетувајќи во какви услови живеат и учат.
„Проблемот со реконструкција на студентските домови кое што сеуште не е отпочната и која што ги фрустрира студентите . Исто така квалитетот на храната во мензите која што е неквалитетна, така што студентите постојано се гневни поради тоа. Укинат ни е и појадокот така што скратен им е еден оброк“, вели Савче Ѓошева.
„Не се учи на празен стомак, тоа сите го знаеме ама треба да им биде јасно и на тие што се одговорни за тоа“, додава Александар Мирчески.
Проблемот со студентските домови и квалитетот на храната во студентските мензи, како и недостапноста на надлежните институции, се некои од главните причини зошто многу студенти ја напуштаат Македонија. Сепак, има и оптимизам дека надлежните ќе го слушнат гласот на студентите и ќе преземат акции за подобрување на условите за студирање и живот
Деканот на филозофскиот факултет, Ратко Дуев, зборуваше за потребата од подобрување на квалитетот на студентскиот живот и стандард.
„Да ја поттикнеме општествената одговорност во заедницата за грижата не само на универзитетот и на државата, туку генерално и на бизнис секторот за грижата за студентите и нивно вклучување во создавањето на кадрите кои што не се потребни само на државата туку и на стопанството“, вели Ратко Дуев.
И покрај сите предизвици, постои надеж дека активностите и дискусиите ќе придонесат кон конкретни промени и подобрувања во студентскиот живот во Македонија.
