Секоја година се регистрираат околу 5.000 нови случаи на мозочен удар, со што нашата земја се вбројува меѓу државите со средна инциденца – односно од 200 до 300 случаи на 100 илјади жители.
Лекарите предупредуваат дека ниту една возрасна група не е поштедена, бидејќи мозочниот удар може да се појави и кај деца и млади под 45 години. Шефицата на Одделот за невролошка ургентна медицина при Универзитетската клиника за неврологија, професорката Анита Арсовска, ја истакна важноста на брзата реакција.

„Многу е важно да се препознаат симптомите на мозочниот удар, кои се појавуваат нагло. Обично една страна од телото се парализира – рака или нога, може да се појават потешкотии при говор, неразбирање на говорот, искривување на лицето од една страна, главоболка, вртоглавица, нестабилност, проблеми со голтање или вид. Кога ќе се појават овие симптоми, пациентот мора веднаш да се транспортира до најблискиот здравствен центар“, вели Анита Арсовска.
Директорот на Клиниката за неврологија, д-р Јован Божиновски, најави дека се планира набавка на магнетна резонанца (MRI) специјално наменета за Неврологија, што ќе овозможи побрза дијагностика и ќе ја олесни работата на Институтот за радиологија.

„Што се однесува до дијагностиката на мозочните удари, имаме соработка со Институтот за радиологија, но со оглед на бројот на пациенти, резултатите не секогаш се добиваат брзо и лесно. Затоа постои идеја да се набави магнетна резонанца која ќе биде исклучиво за потребите на Клиниката за неврологија“, вели Јован Божиновски.
Според д-р Арсовска, над 90 проценти од случаите на мозочен удар можат да се спречат преку редовна контрола на крвниот притисок, нивото на шеќер и масти во крвта, како и со избегнување на пушење, стрес и изложеност на загадување. Во рамките на Светскиот ден на мозочниот удар, Клиниката за неврологија организираше „отворен ден“ со бесплатни прегледи на каротидните артерии. Присуствуваше и министерот за здравство, Азир Алиу, кој ја пофали иницијативата и изјави дека здравствениот систем треба да се фокусира не само на лекување, туку и на превенција и јавно образование.
