Компанијата ОКТА Скопје воведува привремено намалување од 2 денари по литар за бензините со 95 и 98 октани, како дел од напорите за поддршка на домашниот пазар на горива. Мерката ќе се применува во периодот од 2 до 16 јуни оваа година.
Од компанијата информираат дека одлуката е донесена како резултат на актуелните движења на меѓународните цени на горивата, но и како дел од континуираната комуникација со Владата, насочена кон ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Намалувањето ќе важи за сите трговци што се снабдуваат со бензин од „ОКТА“, како на големо така и на мало.
Од компанијата нагласуваат дека со оваа мерка им се дава можност на трговците да ја пренесат поддршката во конечните цени за потрошувачите, но истакнуваат дека тие и понатаму самостојно ги формираат малопродажните цени, во согласност со своите трговски политики и пазарни услови.
Според проценките, вкупниот придонес на ОКТА Скопје преку овие мерки за поддршка на пазарот ќе надмине 7 милиони евра.
Да потсетиме, претходно ОКТА нудеше намалување од 2 денари за бензините и 3 денари за дизел горивото.
