Олеснување за онколошките пациенти од август, терапија во таблети ќе се добива со рецепт од матичен лекар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Онколошките пациенти од сите градови во државата повеќе нема да мора да доаѓаат во Скопје, на Клиниката за онкологија, за да ја примаат таблетарна терапија, туку од 4 август ќе можат да ја подигнат во аптеките во своите градови, преку матичните лекари.

Претседателката на здружението на матични лекари, Лилија Чолакова Дервишова, вели дека на овој начин ќе се намали бројот на упати. Според неа, ќе има помала гужва на Онкологија и онколозите ќе можат повеќе да се посветат на пациентите.

„Матичните лекари можат да дадат упат до шест месеци, но бидејќи ова е скапа терапија, верувам дека ќе се издава месец за месец, бидејќи дијагнозата е специфична. Не можеме да дадеме нешто однапред, а да не знаеме кој колку ќе живее – иако звучи грубо, ова е реалноста кај ваквите дијагнози. Затоа, во интерес на здравството и пациентите да не се малтретираат, ова е голема придобивка – секој во својот град да ја добие терапијата. Тоа не ја исклучува можноста, ако состојбата на пациентот се влоши, матичниот лекар повторно да даде упат и да се направи контрола“, изјави Лилија Чолакова Дервишова, претседателка на Здружението на матични лекари.

Пациентите се изразуваат задоволни од одлуката и дека сега ќе имаат можност да изберат од кој производител ќе ја земат терапијата.

-По добивањето на извештај од Онкологија, лековите ќе се препишуваат од матичните лекари. Како индивидуалец и како здружение, оваа промена ја сметаме за исклучително важна, особено за пациентите кои доаѓаат од други градови, а досега мораа да патуваат во Скопје за да ја добијат терапијата. Од друга страна, сметаме дека е многу значајно пациентите да имаат можност да изберат кој лек ќе го користат и од кој производител – нешто што досега не беше можно, вели Ана Марјановиќ, онколошки пациенти, Здружение Хема-Онко.

И од НВО „ЕЗРА“ ја поздравуваат одлуката и очекуваат истата да се реализира како што треба.

„Важно е да има постојан мониторинг на реализацијата на ваквите чекори, бидејќи сме навикнати постојано да се даваат разни ветувања, но не секогаш се реализираат на ефикасен начин. Посакувам процесот да не запре и пациентите да бидат подеднакво услужени во секој дел од земјата, со цел да им се олесни третманот и пристапот до онколошки лекови“, изјави Лиридона Беќири – НВО „Езра“.

Онколошките пациенти кои се лекуваат со таблетарна терапија, конкретно со анастрозол и летрозол, од 4 август 2025 ќе можат да ја добиваат својата терапија директно од аптека, без потреба од комплицирани болнички постапки. Оваа нова мерка, презентирана од раководството на Фондот за здравствено осигурување, има за цел да го олесни пристапот на пациентите до терапија и да го скрати времето на чекање. Ќе биде доволен извештај од онколог и рецепт од матичен лекар за подигнување на терапијата во аптека, со симболично учество од околу 50 денари.