Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, оствари средба со претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Етем Хаџиосманоглу, и неговите најблиски соработници, при што беа разменети мислења и идеи за унапредување на соработката меѓу двете федерации.
На средбата се разговарало за можни заеднички проекти и иницијативи кои би придонеле за натамошно зближување и развој на односите меѓу македонскиот и турскиот фудбал.
Омерагиќ преку објава на социјалните мрежи изрази благодарност за гостопримството и пријателскиот пречек што му бил укажан од турските домаќини.
„Разменивме идеи за унапредување на соработката меѓу двете федерации и разговаравме за проекти што можат дополнително да нè зближат. Благодарност за искреното гостопримство и пријателскиот пречек. На Турција ѝ посакувам многу успеси во периодот што следи“, напиша Омерагиќ.
Тој додаде дека спортот, а особено фудбалот, има моќ да создава трајни пријателства и да гради мостови меѓу народите и спортските институции.
Средбата претставува уште еден чекор кон зајакнување на соработката меѓу двете фудбалски федерации, со акцент на размена на искуства, заеднички активности и поддршка во развојот на фудбалот.
