Иран соопшти дека повторно ги започнал разговорите со соседен Оман за управување со Ормускиот Теснец, додека се соочува со зголемен економски притисок од американскиот претседател Доналд Трамп во рамки на поширокиот конфликт. Двете земји веќе неколку недели водат разговори со прекини за контролата на сообраќајот низ теснецот, а вчера соопштија дека разговарале за „заеднички привремен навигациски коридор“ и се договориле да го расчистат од мини.
Трамп, пак, изјави дека сите мини во теснецот биле отстранети, повторувајќи ги тврдењата што ги изнесе и претходно. Иако активните непријателства меѓу САД и Иран во голема мера стивнаа, дипломатските напори за постигнување мировен договор се во застој, а пловидбата низ водниот пат и натаму е опасна.
Во вторникот танкер со нафта бил погоден од проектил со непознато потекло и бил онеспособен на околу 9 наутички милји (17 километри) североисточно од Аш Шишах во Оман, кој се наоѓа на влезот во теснецот, соопшти британската организација за поморски трговски операции.
Одделно, американската Тајна служба во вторникот соопшти дека е запознаена со видеоснимка емитувана од иранската државна телевизија, во која се зборува за потенцијален заговор за атентат врз најмладиот син на Трамп, Барон. Во триминутната снимка емитувана на иранската државна телевизија се зборува за можен план за убиство на 20-годишниот Барон Трамп, се тврди дека тој бил следен и дека била понудена награда од 10 милиони долари за неговото убиство.
Во обид да ја ослаби иранската економија, САД претходно оваа недела се заканија дека ќе ги казнат земјите кои продолжуваат да тргуваат со Иран, но соопштија дека санкциите нема да бидат воведени веднаш.
Цените на нафтата паднаа втор ден по ред, бидејќи трговците го намалија значењето на влијанието на американските санкции. Иран, пак, ги осуди американските напори за економска изолација, нарекувајќи ги чин на „грубо беззаконие“ и изразувајќи уверување дека многу земји нема да се приклучат кон кампањата за притисок.
Според истражување на „Ројтерс/Ипсос“, поддршката на американската јавност за војната паднала на најниско ниво од нејзиниот почеток, а популарноста на Трамп исто така е на рекордно ниско ниво пред конгресните избори во ноември.
