Халкидики е хит за странските купувачи: Еве колку чини квадрат во најбараните места

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Грчкиот пазар на недвижности продолжува да привлекува странски купувачи, а интересот за куќи и станови за одмор годинава е особено изразен. Најголема побарувачка има за Халкидики, но интересот значително расте и за Атина, Солун и јужните предградија на Атика.

Податоците од пребарувањата на платформата за недвижности „Спитогатос“ во вториот квартал од годинава покажуваат дека странските купувачи најмногу се интересираат за имоти во Халкидики. Според земјата на потекло, најголем интерес има од купувачи од САД, Германија, Обединетото Кралство, Бугарија, Србија, Холандија и Швајцарија.

Особено силен е интересот од купувачи со висока нето вредност, кои сè почесто бараат луксузни имоти со приватност, панорамски поглед и директна поврзаност со природата.

Џорџ Петрас, извршен директор на брокерската куќа Engel & Volkers Greece, оценува дека купувачите со високи приходи повеќе не бараат само практична куќа за одмор, туку уникатни имоти со ексклузивни карактеристики.

Цените на најатрактивните грчки острови значително варираат. На Миконос, за луксузни имоти достигнуваат и до 12.000 евра за квадратен метар. На Парос цените за имоти со поглед на море одат до 10.000 евра, додека на Санторини достигнуваат до 8.000 евра за квадрат.

Антипарос, исто така, се етаблира како престижна дестинација за богати странски купувачи, со цени на резиденциите до 10.200 евра за квадратен метар.

Високи цени се бележат и на островите во Аргосаронскиот Залив. На Хидра квадратниот метар достигнува до 7.500 евра, додека на Спецес до 6.500 евра.

Во Пелопонез, Арголида е меѓу најбараните региони, а Порто Хели се смета за една од најпрестижните локации и често се нарекува „грчкиот Сен Тропе“. Цените на најатрактивните вили таму достигнуваат до 12.000 евра за квадратен метар. Во Месинија цените одат до 6.000 евра, додека во Коринт и Лаконија врвните локации достигнуваат до 4.000 евра за квадрат.

Сепак, интересот не е ограничен само на најскапите дестинации. Купувачите сè почесто разгледуваат и поевтини острови, како Наксос, каде цените достигнуваат до 5.200 евра за квадратен метар, Сирос и Тинос со до 5.000 евра, како и Андрос со цени до 3.200 евра.

На Додеканезите, луксузните вили на најдобрите локации на Родос достигнуваат до 6.750 евра за квадратен метар, додека на Сими цените се значително пониски и достигнуваат околу 3.900 евра.

И покрај растот на цените на островите, северниот дел на Грција останува значително попристапен. Особено голем интерес има за Халкидики, каде што најголем дел од странските купувачи доаѓаат од балканските, централноевропските и источноевропските земји.

Најскапа област на Халкидики во моментов е Ситонија, каде просечната продажна цена достигнува околу 3.000 евра за квадратен метар. Следи Касандра со 2.895 евра, додека Неа Каликратија е на третото место со просечни 2.513 евра за квадрат.

Експертите очекуваат меѓународната побарувачка за грчки недвижности да продолжи да расте. Ограничената понуда на атрактивни имоти, особено на островите, според проценките би можела дополнително да влијае врз растот на цените во наредниот период.