Омерагиќ: Клубовите доброволно играат во лигите на ФФМ, фудбалот се играл и пред некои, ќе се игра и по некои!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, испрати порака дека уцените и заканите нема да влијаат врз работата на Федерацијата, нагласувајќи дека учеството во натпреварувањата е доброволен избор на секој клуб.

„За некој да игра во лигата на ФФМ, клубот поднесува молба, што значи дека учествува доброволно. Доброволно е и напуштањето“, порача Омерагиќ.

Тој истакна дека фудбалот во Македонија постоел и ќе продолжи да постои независно од поединци или клубови, упатувајќи критика до оние кои, според него, се обидуваат да вршат притисоци врз Федерацијата.

„Фудбалот се играл и пред некои клубови, ќе се игра и по некои. На сите сакам да им порачам што се уценуваат и закануваат – без секого се може“, изјави Омерагиќ.

Неговата порака доаѓа во период на тензии и несогласувања во македонскиот фудбал, при што претседателот на ФФМ нагласува дека институциите и натпреварувањата мора да функционираат согласно правилата, без притисоци и условувања.