Омерагиќ: Од „Еколог“ рекоа не ни требаат пари, јас немам намера да молам некого, средствата ќе ги искористиме за друго

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, изјави дека компанијата „Еколог“ се откажала од финансиската поддршка што требало да ја обезбеди Федерацијата за трибините, поради што средствата ќе бидат пренасочени за други намени.

Тој појасни дека ФФМ останала само на договор за покривање на дел од трошоците за седиштата, а на последната средба со претставници на компанијата добиле јасна порака дека дополнителната финансиска помош не е потребна.

„На последниот состанок, на кој присуствував јас и уште тројца претставници од Федерацијата, еден од претставниците на „Еколог“ ни кажа дека тие не ја бараат ниту другата транша од 700.000 евра што требаше ФФМ да ја обезбеди за трибините. Посочи дека не им е потребна никаква финансиска помош“, рече Омерагиќ.

Тој додаде дека нема намера да инсистира или да убедува некого да ги прифати средствата доколку тоа не е нивна желба.

„Немам намера никого да молам. Тоа беше нивен став, кој беше повторен трипати пред четворица претставници на Фудбалската федерација на Македонија. Затоа тие средства ќе ги пренасочиме на друго место каде што ќе бидат потребни“, истакна Омерагиќ.