Актуелниот градоначалник на Тетово, Биљал Касами ќе бара сите оние кои земале плата од општината, а не оделе на работа, да ги вратат парите. Синоќа во „Клик Плус“, Касами откри дека веќе ангажирале и адвокати кои подготвуваат кривична пријава против претходната администрација за штетата која му е на нанесена на општинскиот буџет.
-Оние кои не работеле ништо и не доставиле редовен извештај за сработеното, ние ќе побараме да ги вратат. Доколку не ги вратат, преку суд ќе побараме да ги вратат. За штетата која ѝ е нанесена на општина Тетово ние веќе ангажиравме адвокати кои оформуваат предмет за кривична пријава против претходниот менаџмент за штетата која им е нанесена на општината и граѓаните на Тетово, вели Касами.
Според Касами, во 2021 година буџетот на Тетово бил оштетен за 1.1 милиони евра согласно договорите на дело потпишани од претходната градоначалничка Теута Арифи.
-Од 811 договори, ангажирани се 544 лица. Од нив 250 донесоа извештаи, а останатите околу 294 не доставија извештаи за сработеното. Вкупната годишна сума е 1 милион евра за сите договори и 100 илјади евра персонален данок кој се плаќа во овој случај. Сумата достигнува над 1.1 милиони евра или над 70 милиони денари на годишно ниво, рече Касами.
Меѓу оние кои земале плата, а не оделе на работа имало и раководители на сектори кои добивале месечни примања и до 500 евра, вели Касами, додавајќи дека се направени низа неправилности. Тврди дека еден вработен, при влез ги откуцал картичките на повеќе колеги за да фигурираат како да се дојдени на работното место. Касами открива дека со општински пари биле купувани телефони „ Samsung“ и iPhone во вредност од 1.000 евра, уреди кои не се знае каде се.
