Увидот за пожарот во архивот на Основен Суд Куманово е одложен за утре. Обвинителката Теута Бедиу Рамадани, за МИА информирала дека одложувањето е направено поради тоа што местото каде настанал пожарот се уште не е безбедно. Во увидот ќе учествуваат дел од тимот на СВР Куманово, крим-техниката, инспектори за пожар и електроинженерски инспектори.
„Увидот е одложен поради укажувањата на командирот на ТППЕ Куманово кој ни објасни дека не е безбедно и дека ќе има пожарна стража до утре. Останува утре да се изврши увидот, доколку се обезбедат сите услови“, велат од ОЈО Куманово.
Министерство за правда излезе со други констатации за проблематични прашања во врска со архивот на кумановскиот суд. Велат дека во текот на последниот надзор се констатирани нерегуларности во архивирањето на предметите, но не се преземени мерки од судот.
„Комисијата за надзор над функционалноста на АКМИС-системот во судовите при Министерството за правда последниот надзор врз работата на Основниот суд Куманово го изврши на 6 јуни при што беше констатирано следново:
- Судската архива е сместена во подрумските простории.
- Архивирањето на предметите било завршено заклучно со 1971 година.
- Нема континуирано архивирање на предмети.
- Овој проблем се провлекува со децении и е констатиран уште со првиот надзор кога судот бил задолжен да започне со архивирање“, велат од Министерството за правда.
За ВМРО-ДПМНЕ пожарот во архивот на Основен суд Куманово е сомнителен. Пратеникот Бане Петрушевски, вели дека токму во период кога СДС-ДУИ беа фатени во криминал и во пресрет на откривањето на голем криминал, на мистериозен начин се случи несреќа од каде јасно е дека се уништуваат документи.
И од Алтернатива се сомневаат дека пожарот во архивот на кумановскиот суд е намерен. Основен суд Куманово е вториот суд по големина на државно ниво по кривичен суд СКопје.
