Опозицијата го блокира советот на Тетово – Касами: Општината е отворена за јавна дебата и предлози

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Судирите меѓу власта и опозицијата во Советот на Општина Тетово кулминираа со блокирање на денешната седница. Опозициските советници бараат од дневниот ред да се отстранат точките 7 и 8, кои се однесуваат на два проекти планирани преку јавно-приватно партнерство. Опозицијата тврди дека преку овие проекти се загрозува јавниот имот, додека од власта велат дека станува збор за важни инвестиции за градот. Од опозицијата нагласуваат дека не се против инвестициите, туку се противат на начинот на кој се планира да се реализираат овие проекти.

„Ќе ја блокираме седницата цел ден и ќе продолжиме да ја блокираме. Ние не сме против инвестициите, но ова е класичен грабеж, класичен подмолен грабеж. Не сме против инвестициите во Тетово, ние сме за нив, но сме против кражбите. Затоа денес цел ден ќе останеме тука на протест и ќе ја блокираме седницата.“, вели Берат Мурати.

„За точката 7, која се однесува на изградбата на објектот на противпожарната служба, треба да се нагласи дека овој проект е продолжение на контроверзните проекти на ова раководство. Ова раководство го започна мандатот во Тетово со продажба на комуналното претпријатие за отпад, продолжи со јавното осветлување, а потоа и со Монополот.“, порача Арлинд Муртезани.

„Но, ова се однесува на приватизација, на фрапантен грабеж, за кој само вчера, во рок од два часа и 17 минути, била поправена табелата, додавајќи четири милиони евра, откако првичните пресметки се покажале како погрешни. Сметам дека ова е неприфатливо и дека станува збор за крајно несериозна студија за изводливост. Не смее оваа аматерска студија за изводливост, која ни беше презентирана нам како советници, да помине во Советот на Општината.“, вели Агрон Арифи.

Од друга страна, градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, изјави дека точките не треба да се отстранат од дневниот ред. Според него, прашањата треба да се разгледуваат преку дебата, аргументи и конкретни предлози, нагласувајќи дека општината е отворена и за алтернативни предлози.

„Ќе има јавна дебата и ние сме отворени. Доколку имаат експерти кои можат да понудат подобра студија, подготвени сме да ја прифатиме. Значи, тука започнува дебатата за оваа важна тема за Општина Тетово. Ако има заинтересирани, дебатата ќе продолжи, било да е тоа еден ден, една недела или еден месец, бидејќи немаме ништо да криеме.“, вели Биљал Касами.

Седницата продолжи до попладневните часови, а кога се стигна до седмата точка од дневниот ред, беше прекината за да продолжи во наредните денови. Според мнозинството, но и според опозицијата, за ваква одлука е потребна поголема дебата и треба да има повеќе информации.