Студентските протести во Албанија прераснаа во насилство. Демонстрантите кршеа излози на продавници и предизвикуваа нереди, додека полицијата употреби солзавец за да ја растера толпата.
Протестите, кои почнаа во вторникот во текот на ноќта и прераснаа во насилство, продолжија и денеска. Полицијата употреби водени топови против толпата.
Чад се издигаше од запалените контејнери за отпад, додека камионите со водени топови се движеа низ улиците заедно со полицијата, со цел да ја растераат толпата.
Шестмина полициски службеници се повредени, 16 лица се уапсени, а против други 49 е покрената кривична постапка, соопшти албанската полиција.
Дел од албанските ученици и студенти денеска ја бојкотираат наставата и организираат протестни маршеви.
Во соопштение објавено на социјалните мрежи, студентите вчера најавија дека нема да присуствуваат на денешната настава, нагласувајќи дека бојкотот е форма на протест со која сакаат да привлечат внимание кон нивните барања и да извршат притисок врз властите за нивно исполнување.
Демонстрантите бараат подобрување на условите на универзитетите, функционални лаборатории и политичка одговорност, додека дел од нив бараат и оставка од премиерот Еди Рама.
Студентите со овие протести практично се приклучија на повикот на антивладиното движење „Фламинго“, кое бара оставка од премиерот Еди Рама по обвинувањата за широко распространета корупција.
Во Албанија во изминатиот период се одржаа протести насочени против луксузен проект за развој на крајбрежјето, поврзан со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
