Опозицијата ја критикува ВРЕДИ за Уставот – Муртезани вели никогаш не сум рекол дека ќе напуштиме Владата

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозицијата обвини дека коалицијата „Вреди“ ги изиграла чувствата на Албанците и ги прекршила дадените ветувања од предизборието за темата за евроинтеграцијата. Пратеникот Горан Мисовски истакна дека Албанија оди напред, а Македонија стои на маргините. Тој го праша министерот од редовите на Вреди, Орхан Муртезани, дали има доблест да го испочитува ветувањето за напуштање на Владата ако нема уставни измени.

„Таравари велеше декември-јануари, Изет Меџити велеше до декември, а Вие бевте многу поголем оптимист и од другите двајца ваши коалициски партнери и велевте или до декември или ја напуштаме Владата“, изјави Горан Мисовски од НСДП.

Муртезани тврди дека немал таква изјава на албански јазик и можеби станува збор за грешка во преводот.

„Никогаш не сум велел дека ако нема уставни измени на крајот на годината, ние ќе излеземе од Владата. Ние кога ја создававме Владата не го правевме тоа со една нога надвор со една нога внатре, односно не со уцени дека ние ќе ја напуштиме Владата“ изјави министерот за европски прашања, Охран Муртезани.

Од ДУИ пак, го прашаа премиерот Христијан Мицкоски на кој начин ги убедил ВРЕДИ да го променат ставот.

„Дали сте нашле некој механизам Вие како премиер со кој ги обврзувате да ги променат изјавите и да се смешни пред јавноста и несериозни и некредибилни?“ – вели Блерим Беџети од ДУИ.

Конкретен одговор од Мицкоски немаше. Инаку, откако министерот Арбен Таравари неодамна најави, претседателот на БЕСА, Биљал Касами потврди дека лидерите од ВРЕДИ наскоро ќе се состанат и ќе прават стратегија како да продолжат понатаму. Сепак, Владата не ја напуштаат.