Опозицијата обвини за селективност на ОЈО – Мицкоски најави политичка одговорност од исходот на локалните избори

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Опозициските партии го критикуваа обвинителниот акт за трагедијата во Кочани. И од СДСМ и од ДУИ сметаат дека Обвинителството е селективно кога станува збор за барање на одговорност од актуелни функционери.

Од ДУИ побараа итна реакција на меѓународната заедница бидејќи, како што соопштија, власта очигледно ги злоупотребува институциите за политички цели.

„Обвинителството целосно ја изгуби својата веродостојност со тоа што ги штити функционерите на владата, а истовремено соработува со неформални центри на моќ за да конструира случаи против поранешни министри и политички неистомисленици. Јавното обвинителство, со оваа одлука, и официјално е декларирано заробено.“, вели ДУИ.

Според социјалдемократите, без целосна и непристрасна истрага, без одговорност за носителите на функции кои затаиле, нема да има вистинска правда за жртвите и нивните семејства. СДСМ побара и политичка одговорност.

„Без одговорност за Јанев, Тошковски и Мицкоски  – нема правда за Кочани. А без правда, нема мир за родителите, за граѓаните и за државата. Јавноста мора да знае кој ја кочеше истрагата, кој ги штитеше виновните и кој учествуваше во прикривањето на една од најголемите трагедии во поновата историја на Македонија“, вели СДСМ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски истакна дека нема да ја коментира работата на Обвинителството, а во однос на барањето за политичка одговорност, тој кажа дека одговорот ќе дојде од резултатите на локалните избори наесен.

„Доколку граѓаните сметаат дека јас треба да заминам и да сносам политичка одговорност уште истиот ден тоа ќе го направам, нема да чекам, како што тоа беше во 2021-вата година, но знам дека граѓаните не го делат истото мислење со СДСМ и останатите коишто се обидуваат преку некрофилска кампањада добијат некој политички поен, мислејќи дека така на мене лично и на Владата ќе ни нанесат штета.“, вели Христијан Мицкоски.

Обвинителството за „тешки дела против општата сигурност“ реши да гони 34 физички и три правни лица. За дел од осомничените не беше поднесено обвинение поради недостиг на докази. Дополнително, се очекува разврска и од истрагата за сите осомничени полициски службеници за трагедијата од Кочани, која ќе се дознае од Обвинителството за организиран криминал и корупција.