Утрово генералниот секретар на Движење Беса беше сигурен дека 3 пратеници од партијата ќе гласаат за уривање на владата.
Пратениците на Беса сигурно ќе гласаат за уривање на владата?
Арјанит Хоџа: Да, да…
Убеден беше и лидерот на опозициската АА, Зијадин Села.
„Денеска се гласовите за уривање на владата и конечно мислам дека граѓаните ќе се ослободат“, посочи Зијадин Села.
Но, како минуваше времето, Кастриот Реџепи никаде го немаше. По неколку часа, на Фејсбук го објасни неговото отсуство и зошто нема да гласа за уривање на владата Заев 2.
„Имајќи го во предвид политичкиот моментум по одложувањето на оставката на премиерот Зоран Заев, за почит на процесите и јаките сигнали од стратешките партнери САД и ЕУ со кои комуницирам преку високи дипломатски претставници, дека во декември земјата има големи шанси за почеток на преговорите за членство со ЕУ, одлучив да не учествувам на парламентарната седница каде требаше да се одлучи да се стави под знак прашалник мојата стратешка национална и државна определба. Како одговорен политичар и пратеник, оваа одлука не ја донесов лесно, ставајќи го интересот на народот и државата на прво место. На државата во овој значаен период не ѝ треба политичка криза и потопување во турбулентни води полни со непознати“, пишува Кастриот Реџепи.
По ваквата објава, генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа, исто така на Фејсбук, напиша дека “заканата, уцената или другите форми на влијание се показатели за инсталирање режим кој е поставен пред волјата на народот“.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го спореди со веќе покојниот пратеник Амди Бајрам.
Поранешниот сопартиецот од Беса, сега пратеник на Алтернатива, Скендер Реџепи, 4 години не зборуваше со него.
„Добро е што знаевме дека луѓето кои еднаш ќе извршат предавство, секогаш ќе продолжат да бидат предавници“, вели Скендер Реџепи.
По ова, лидерот на Беса, Биљал Касами излезе пред новинарите велејќи де4ка се сомнева дека одлуката на Кастриот Реџепи не е по негова волја.
Сметате дека некој му се заканил?
Биљал Касами: Сомнежите се дека тој без своја волја е на овој став, додека го немаме спротивното и затоа сум во комуникација со домашните и меѓународните институции.
Дали знаете каде се наоѓа Кастриот Реџепи?
Б.К.: Не, немам информации каде се наоѓа.
Кога последен пат сте биле во комуникација?
Биљал Касами: Вчера имавме пријателска комуникација, бевме во постојана комуникација, немав некој сигнал дека пратеникот може да постапи така по своја слободна волја.
Доколку Реџепи го потврди својот став лично, Касами најави мерки врз основа на статутот на партијата.
Вицепртемиерот Артан Груби од ДУИ, ги отфрли сомнежите дека некој му се заканил на Реџепи.
„Кастриот секогаш бил ориентиран про ЕУ, НАТО и САД. Ми беше колега во Холандската амбасада, работевме заедно и ги знам неговите убедувања, дека срцето му спие во Вашингтон и Брисел“, вели Артан Груби.
Опозицијата останува со надеж дека до полноќ ќе обезбеди друг пратеник кој би гласал за уривање на Владата.
