Продолжи расправата за ребалансот на буџетот. Опозицијата критикува дека прекројувањето на државната каса е признание дека Владата потфрлила во планирањето и дека тоа ќе значи дополнително зголемување на јавниот долг и на дефицитот. Со ова ништо суштински и конкретно нема да се направи со цел подобрување на стандардот на граѓаните, велат опозиционерите.
„За 2026 година се планира ново задолжување од над 120 милијарди денари, вклучувајќи издавање на нова еврообврзница и задолжување на домашниот пазар. Тоа значи континуирано растење на задолженоста и растечки каматни трошоци. Со вакво темпо на задолжување веќе во 2027 година се очекува каматните трошоци да бидат околу 500 милиони евра на годишно ниво. Значи 500 милиони евра само за камати. Владата проектира буџетски дефицит од 3,5% од БДП што е спротивно на Закон за буџети. Дефицитот не смее да надмине 3% од номиналниот бруто домашен производ“, вели Митко Трајчулевски.
Ребалансот се темели на реален, а не на фиктивен раст, рече Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ. Тој истакна дека и покрај воената криза на Блискиот Исток и зголемените цени на горивата растот е во позитива.
„Во првиот квартал оваа година имаме 3.1% раст. И ова е многу индикативно. Во првиот квартал оваа година имавме војна. Во првиот квартал оваа година имавме цена на горива огромна. Во првиот квартал имавме цени за превоз, за загревање, се она што значи енергија покачени за 100%. И погодете што. Не што не сме во негативен раст туку сме со 3,1% раст“, вели Љупчо Пренџов.
Комисијата за финансирање и буџет утре треба да ја заврши општата работа и се очекува ребалансот да стигне на гласање до крајот на овој месец. За него се поднесени вкупно 224 амандмани, од кои 90 се на ДУИ, СДСМ има 78, Левица 51, а ВЛЕН има поднесено 5 амандмани.
