ВМРО-ДПМНЕ е подготвена по парламентарните избори да формира парламентарно мнозинство со албанската опозиција, Европскиот сојуз за промени. Ова го изјави генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓија Сајкоски. Според него, ВМРО се уште има активна соработка со дел од опозицијата, а ја спомена и соработката со Биљал Касами во Тетово. Според него, ВМРО е отворена за соработка со албанските партии, доколку тие ја прифатат нивната програма.
На ист став е и албанската опозиција. Фадиљ Зендели од Движење Беса рече дека нема ништо лошо да се соработува со ВМРО-ДПМНЕ по парламентарните избори, за да се формираат владините институции.
-Нема ништо лошо да соработуваме меѓу себе, па и со ВМРО. Нема ништо лошо. Изборните процеси се оние кои ја одредуваат легитимноста на политичките субјекти кои учествуваат во изборниот процес. Резултатите, кои ќе бидат производ на овој изборен процес, се основа за создавање нови институции. Ако ние како албанска опозиција ќе бидеме тој дел што ги претставува Албанците, нема ништо лошо ВМРО да формира нова влада-вели Зендели.
За следните парламентарни избори останува отворена дилемата дали ќе се почитува коалицискиот договор победник со победник. Овој договор беше прекршен на последните избори кога ДУИ одлучи да коалицира со СДСМ, иако ВМРО-ДПМНЕ победи на изборите, но не успеа да формира влада во првиот мандат.
