Општина Гази Баба треба да исплати 127 милиони денари по судска пресуда – градоначалникот предупредува на наследени финансиски и институционални проблеми

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефаноски, предупреди на сериозни финансиски и институционални предизвици со кои се соочува општината, резултат на неодговорното работење на претходното раководство.

Стефаноски истакна дека повеќе правни лица, кои поседувале важечки одобренија за градење на локацијата кај поранешниот Скопски саем и уплатиле надомест за уредување на градежно земјиште, на 27 октомври 2020 година поднеле тужба против Општината пред Основниот граѓански суд. Според него, претходното општинско раководство издало нови одобренија за друго правно лице, при што веќе издадените одобренија ги прогласило за ништовни.

Иако уплатениот надомест во износ од 73.460.330 денари требало да им биде вратен, тоа не се случило, што го однело случајот на судска постапка. По повеќегодишна постапка, Апелациониот суд во Скопје на 30 октомври 2025 година донесе пресуда со која Општина Гази Баба е задолжена да ги врати средствата заедно со законската казнена камата од денот на поднесување на тужбата. Вкупниот износ што општината треба да го исплати изнесува 127.000.000 денари.

„Оваа пресуда јасно покажува дека во периодот од 2017 до 2021 година се работело неодговорно и без почитување на законите. Наместо во 2020 година да бидат вратени 73 милиони денари, денес општината е задолжена да врати 127 милиони денари“, рече Стефаноски.

Тој додаде дека, иако станува збор за сериозен товар за буџетот, граѓаните не треба да бидат загрижени. Со одговорно и транспарентно работење, општината ќе успее да го надмине проблемот и ќе продолжи да функционира стабилно и во интерес на јавноста.

Градоначалникот најави и дека ќе бидат информирани надлежните институции со цел да се разгледа можноста за утврдување одговорност, нагласувајќи дека правдата, отчетноста и заштитата на јавниот интерес мора да бидат темел на секое институционално работење.