Општина Тетово ги повика граѓаните и правните субјекти кои сè уште не ги подмириле даночните обврски, што поскоро да ги извршат плаќањата, посочувајќи дека е близу до одблокирање на својата сметка по повеќе од една деценија.
Во јавното соопштение, Општината им се заблагодарува на сите кои го платиле данокот на имот и останатите обврски, оценувајќи дека нивниот придонес директно влијае врз развојот на градот.
„Благодарение на граѓаните кои ги подмирија своите обврски, Општина Тетово е многу блиску до одблокирање на својата сметка по повеќе од една деценија. Ова е важен чекор кон финансиска стабилност и создавање нови можности за реализација на проекти од интерес на градот и неговите жители.
За граѓаните кои сè уште не ги подмириле даночните обврски, законските постапки ќе продолжат согласно важечките прописи. За да се избегнат дополнителни трошоци, камати и извршни постапки, ги повикуваме сите обврзници плаќањата да ги извршат доброволно и што поскоро“, се наведува во соопштението на Општина Тетово.
Од Општината нагласуваат дека плаќањето на даночните обврски е законска обврска, но истовремено претставува и придонес за инвестиции во инфраструктурата, образованието, јавното осветлување, зелените површини и други проекти во градот.
