По пет години чекање и ветувања за модерна администрација, Општина Тетово го пушти во употреба пакетот дигитални услуги финансирани од Европската Унија. Иако проектот има цел да ги елиминира долгите редици на шалтерите и да се бори против бирократијата во урбанизмот и транспортот, останува прашањето дали граѓаните се подготвени за оваа транзиција и колку ќе биде функционален овој систем во средина каде физичките услуги често потфрлале.
„Жителите ќе добијат многу ефикасни услуги преку апликацијата и апликациите што се на веб-страницата, каде ќе добиваат услуги, особено претпријатијата што се занимаваат со услуги кон граѓаните и кои имаат врска со поврзувањето со услугите на општината. Значи станува збор за процес речиси сто проценти дигитализиран.“, вели Касами.
Европската Унија, како главен финансиер, ова го гледа како критериум за евроинтегративниот пат. Амбасадорот Михалис Рокас беше јасен: без дигитализација нема модернизација на државата, но нагласи дека оваа трансформација треба директно да се почувствува во џебот и времето на инвеститорите и граѓаните.
„Ова е еден од клучните процеси за европските општини, дигиталното решение за Општина Тетово и го сметаме за многу успешен трансформативен проект бидејќи ќе го олесни секојдневниот живот на граѓаните, но и на инвеститорите кои сакаат да дојдат да инвестираат во Тетово. Исто така ги подготвува општините и државата за пристап во ЕУ, бидејќи дигитализацијата е главниот план на европската реформска агенда.“, вели Рокас.
Од друга страна, Министерството за дигитална трансформација го оценува чекорот на Тетово како позитивен, но алармира за потребата од интероперабилност.
„Општина Тетово добро успеа со овој проект и добро е да се земе како пример и од другите општини, но добро е да ги мотивираме и другите општини што немаат вакви системи да се приклучат на националното ниво на интероперабилност и да го користат националниот портал за услуги, бидејќи само така можеме да зборуваме за поврзување на локалната власт со граѓаните.“, изјави Андоновски.
Со овој чекор, Тетово се обидува да ја остави зад себе ерата на хартиите и печатите.
