„Ти синоќа фрли отпад неодговорно, некој денеска треба да го исчисти“ или „Вистински патриот не се однесува вака кон градот во кој живее! Поддржувањето на ваков чин е двојно погрешно“.
Вакви пораки придружени со фотографии на кои може да се види отпад фрлен покрај кантата, се дел од Фејсбук објавата на градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, која предизвика низа реакции од граѓани и активисти. На прашањето – како можат да се обвинуваат граѓаните кога општината нема депонија за цврст отпад, од општината велат дека целта е да се подигне свеста, а не да се навредува некој.
„Објавата на Фејсбук не е за да се нападнат сите граѓани и нема за цел да навреди никого, напротив станува збор за порака која вели дека ако сите се залагаме за почист град со заеднички сили, од една страна граѓаните, од друга ние како општина, може да ја постигнеме целта, можеби не до целосно искоренување, бидејќи проблемот е на глобално ниво, но барем да го подобриме колку што е можно“, посочуваат од Општина Тетово.
Еко-здруженијата сметаат дека општина Тетово потфрлила кога станува збор за екологијата и додаваат дека пред да бара одговорност од граѓаните, треба да ги заврши своите законски обврски.
„Во недостиг на систематско решение, проблемот се дефокусира и почнуваат со обвинувања. Всушност нам не ни треба причина, туку резултат. Презаситени сме од постојаните обвинувања на адреса на граѓаните. Нам како граѓани ни е потребно решение, па кога ќе ни понудите решение, тогаш ќе разговараме. Дури и да е вистина дека граѓаните фрлаат, обврска на надлежните институции е да изнајдат решение за овој проблем кој е присутен со години наназад“, посочи Елмедина Абдулаи.
Но, и покрај акцијата на општината, Тетово продолжува да „плива“ во отпад. Во многу делови од градот, кантите се преполни и наликуваат на дива депонија, бидејќи ЈКП “Тетово“ не ги чисти секој ден. За ваквата состојба реагираше и опозициската Алијанса за Албанците, а општината пак се правда дека зголемувањето на количината на отпадот се должи на доаѓањето на печалбарите.
„Ако во нормален дел од годинава, ЈКП собира 90 тони отпад, во овој период собира 200 тони дневно, што бара и дополнителен ангажман во насока на собирање на отпадот“, велат од Општина Тетово.
Од општината ветуваат дека во септември Јавното комунално претпријатие ќе добие уште четири нови камиони, две возила за чистење на улиците, како и 330 контејнери.
