Општината го спаси кумановскиот пазар – вработените без регрес од 2018 година

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Општина Куманово донесе одлука финансиски да му помогне на Јавното претпријатие „Пазаришта“ со 7 милиони денари со цел да го спаси од пропаѓање. Вкупниот долг на ова претпријатие изнесува 17.066.477 денари. Директорот Гзим Кадриу вели дека претпријатието е под закана од извршители и блокирање на жиро сметката.

„Оваа помош не е наменета за менаџирање на натамошниот буџет на претпријатието. Оваа помош е понудена со цел да можеме да ги отплатиме сите предмети кои се на извршител. Компанијата не е ликвидна. Кога ќе ги споредите расходите кои се 2.500.000 и остварените приходи – 1,5 милиони, имаме дупка во буџетот од 1 милион денари“, истакна Гзим Кадриу.  

Претпријатието се соочува и со тужба поради неисплаќање регрес на вработените.

„Вработените во претпријатието „Пазаришта“ поднесоа тужба за регрес за годишен одмор кој не им е исплатен од 2018 година. Доколку успееме да направиме вонсудски договор со вработените во нашето претпријатие, долгот би се зголемил за уште 5 милиони денари, но доколку не успееме да се договориме ние како претпријатие и вработените, тогаш можам да констатирам дека долгот би изнесувал повеќе, дури 9 милиони, имајќи ги предвид сите судски трошоци и такси“, додава Гзим Нуредини.

Претходниот директор од редовите на ДУИ, Илир Саити за ТВ21 откри дека претпријатието ги наследило долговите, додавајќи дека во текот на неговото раководство не добил никаква помош од општината.

„ЈП „Пазаришта“ никогаш не доби помош од општина Куманово, иако баравме, градоначалникот не ни одговори. За градоначалникот ова претпријатие не постоеше, а ние функциониравме со наши сили“, вели Илир Саити.

Актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски на втората седница на општинскиот совет изјави дека на барање на директорот за да се плати доспеаниот долг кон УЈП, општината издвоила 3,5 милиони денари за подмирување на долговите.

Одговорност побара и советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека големите долгови можат да доведат до затворање на пазарот за граѓаните.