Гимназијалците Албанци од Куманово ќе продолжат да учат во објектот на некогашниот земјоделски комбинат, додека локалната и централната власт си играат „пинг-понг“. Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, како со претходниот министер за образование, Арбр Адеми, па така и со сегашниот Јетон Шаќири, никако да изнајде заеднички јазик за изградба на нов достоен училиштен објект. Шаќири вели дека чека од општина Куманово да ја комплетира проектната документација за да може да издвои средства од наредниот буџет.
-За да поднесе, за да се обезбедат средства од Буџетот за конкретниов случај за конкретното училиште, како што е изградба, приспособување или реновирање на училиштето „Сами Фрашери“ во Куманово, треба локалната власт да достави конкретен проект со комплетна документација. Затоа ја користам оваа прилика да го повикам и градоначалникот на Куманово. Ние како Министерство ќе имаме нов повик за проекти кои ќе бидат дел од програмата за 2023 година од 1 јули и ќе трае до 31-ви, нека достави проект, бидејќи од страна на Министерството парите се обезбедени, вели Шаќири.
Општинските советници од редовите на ДУИ во Куманово, пред ресорниот министер Шаќири изразија загриженост околу објектот на гимназијата и техничкото училиште. Велат дека побарале од општината да извршат увид во документацијата, но не им било дозволено.
-На средбата што ја одржавме порано, односно на координацијата со претставниците на политичките партии и градоначалникот на општина Куманово, ни беше ветено дека се работи на проектот за нов објект и дека ЈП „Куманово план“ ќе се потруди истиот да биде реализиран во рок од два месеца. Таа средба е одржана во февруари, сега е јуни, а ние сѐ уште немаме проект. Дента, претставникот на ЈП „Куманово план“ ни одговори дека проектот ќе може да се реализира најбрзо кон крајот на јануари 2023 година, вели Арта Мехмети Адеми советничка во Куманово од ДУИ.
Првиот човек на Куманово пак, Димитриевски, ваквите изјави ги нарече манипулации на ДУИ, додавајќи дека нема расположение од централната власт, односно од МОН да му се стави крај на овој проблем. Како што вели, тој и останатите советници не добиле покана за денешната средба, иако советниците на ДУИ уверуваат дека биле поканети сите, вклучувајќи го и градоначалникот.
Поранешниот министер, Арбр Адеми, за ТВ21 своевремено рече дека објектот кај некогашната касарна веќе е во сопственост на МОН, заедно со уште два други објекти наменети за образование и изградба на образовен кампус и дека чекаат општината да го спроведе проектот за објектот и да се обезбедат потребните средства.
Над 20 години, кумановската гимназија „Сами Фрашери“ и техничкото училиште чекаат да добијат нов објект. Инаку, учениците по медицина, во недостиг на простории, настава следат во бараки.
