Многу општини и училишта во земјава се заглавени во долгови, а енергетската криза уште повеќе им ја отежнува состојбата.
ТВ21 контактираше со неколку градоначалници од западниот регион, а нивната најголема грижа, како што велат се училиштата и нивните сметки за струја.
Додаваат дека во јули и август добиле превисоки сметки за јавното осветлување и институциите кои се под општините. Градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари вели дека 1 киловат струја пред една година чинел 5, а сега 32 денари.
„Минимумот што може да го направи Владата е да преземе мерки. Да ја промени тарифата за струја за училиштата да не плаќаат согласно слободниот пазар, туку да плаќаат по тарифа на домаќинствата. Ова би било конкретен придонес за децата, за нашите институции. Не сакам да играм улога на жртва, но општините како во првата криза, здравствената предизвикана од Ковид -19, така и сега се најголемите жртви“, истакна Фатмир Дехари.
Првиот човек на Пласница, вели дека во моментов немаат никаков долг кон ЕВН и други институции, па затоа, има надеж дека многу полесно ќе ја надминат кризата за разлика од другите општини.
Градоначалникот на Струга, пак, Рамиз Мерко вели дека во јули за јавно осветлување добиле сметка од 8 милиони, а во август 10 милиони денари. Оваа општина сега почнува со рестрикција на јавното осветлување, но сепак, и тука најголем проблем се училиштата.
„Доколку ситуацијата ескалира, поголеми се изгледите рестрикцијата да продолжи. Второ чувствително прашање се училиштата, нема да можеме да ги сервисираме. Исто така го известивме министерот да преземе мерки во Владата бидејќи ние нема да можеме како општина, немаме предвидено средства во буџетот и не сме обврзани да ги сервисираме трошоците на училиштата“, посочи Рамиз Мерко.
Кирил Пецаков, првиот човек на Охрид, вели дека откако застанал на чело на општината во неколку наврати алармирал за ваквата ситуација, бидејќи, како што додава, општината ја затекнал во долгови до гуша.
Градоначалниците единствен спас за излез од енергетската криза гледаат во Владата.