Одбраната на Кувајт соопшти дека неутрализирала „непријателски“ дронови и ракети

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Војската на Кувајт денеска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана пресретнале ракети и „непријателски“ дронови, но без да прецизира од каде биле лансирани.

Во соопштението се наведува дека силните експлозии што се слушнале низ целата земја биле последица од дејствувањето на противвоздушните системи, кои ги неутрализирале заканите. Властите упатија повик до граѓаните да ги почитуваат упатствата и безбедносните мерки издадени од надлежните институции.

Инцидентот се случил откако претходно американските сили извршиле напади врз, како што соопшти Вашингтон, иранска операција со дронови која претставувала закана за американските сили и трговскиот поморски сообраќај во Ормускиот теснец.

Од друга страна, Иран ја потврди американската акција и соопшти дека возвратил со напад врз американска воздушна база во 04:50 часот по локално време, откако САД во раните утрински часови погодиле област во близина на аеродромот во пристанишниот град Бандар Абас. Техеран не ја откри точната локација на базата што била цел на нападот.

Кувајт, каде што се наоѓа американска воздушна база, сè уште не потврдил дали пресретнатите ракети и дронови биле ирански.