Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ победи во трката за градоначалник на Скопје. Во вториот круг од локалните избори освои повеќе гласови од својот противкандидат од Левица, Амар Мециновиќ. Прославата почна од Триумфалната порта, а се славеше до доцна во ноќта. Ѓорѓиевски се заблагодари на Скопјани и порача дека веднаш ќе се фати за работа.
-Од првиот момент кога ќе го преземам својот мандат од Државната изборна комисија, тоа очекувам да биде среда или четврток најдоцна, веднаш почнувам со првата активност која што им ја должам на Скопјани, ја ветив пред Скопјани. Јас еве уште еднаш да се заблагодарам на силната поддршка на силното обединување во Скопје и ќе започнеме најпрво со чистење на градот, затоа што тоа е најнеопходно. Реорганизација на јавните претпријатија ќе следи, таму има целосен колапс, целосен хаос. Но тоа нема да ме обесхрабри, напротив тоа ме мотивира дополнително, изјави Орце Ѓорѓиевски, нов градоначалник на Скопје.
Ѓеорѓиевски најави ревизија на работата на неговата претходничка Данела Арсовска, но и одговорност за сите кои се огрешиле пред законот. Рече дека наредните денови ќе ги објави новите кадровски решенија и порача дека ќе биде градоначалник на сите Скопјани.
Создадовме историја – изјави Амар Мециновиќ кандидатот на Левица во градоначалничката трка. Тој се заблагодари на сите над 60.000 луѓе кои го дадоа гласот за него и порача – следните две и пол години јас ќе бидам вашиот глас во Собранието. И понуди соработка со сите.
-Сакам да им се заблагодарам и на гласачите на СДСМ. Сметам дека браната е пукната и сметам дека ние сме вашата опција. Ве повикувам да останете зад контингентот на Левица, затоа што левица е опозицијата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа го гледавме во Собранието година и пол дена, тоа го видовме и на овие избори. Ве повикувам да останете зад левата опција за левиот блок да се консолидира и да може на секој можен начин да му задава удар на режимскиот ВМРО-ДПМНЕ, изјави Амар Мециновиќ, кандидат за градоначалник на Скопје од Левица.
Ѓеорѓиевски освои 57,03% од гласовите на Скопјани. За него гласале 95.572 луѓе, што е за околу 3.900 гласови повеќе од првиот круг. Неговиот противкандидат Мециновиќ пак во вториот круг освои двојно повеќе гласови од првиот. За Мециновиќ гласале 61.475 Скопјани, или 36,69% од излезените гласачи.
