Орце Камчев од денеска ќе биде во 30 дневен притвор во затворот во Шутка. Обвинителството за организиран криминал побара притвор, откако од Агенцијата за национална безбедност добиле информации за можно бегство надвор од земјава.
Неговиот адвокат Тони Менкиновски вели дека ваквата одлука е контрадикторна бидејќи утрово Камчев бил приведен во полициската станица Карпош за изборни измами, а во судот му било кажано дека има информации за негово бегство за незаконско купување парцели на Водно.
Информацијата за можно бегство на Камчев ја дала Агенцијата за национална безбедност, по што било известено Обвинителството. Но, адвокатот Менкиновски вели дека таквата информација не била презентирана, ниту од обвинителството, ниту од судот.
Бизнисменот Орце Камчев ќе биде во 30 дневен притвор на барање на обвинителката Лиле Стефанова која го напушти судот преку гаражата без да се произнесе за медиумите.
30 дневниот притвор му е одреден во истрагата за “Парцелите на Водно“. Случајот Парцелите на Водно го отвори поранешно СЈО, а го води обвинителката Лиле Стефанова која исто така го води и случајот „Империја“ во која е обвинет Камчев.
За парцелите на Водно за обвинителството освен Орце Камчев осомничени се и Никола Груевски, Сашо Мијалков, мајката на Камчев, Ристо Новачевски и уште едно друго лице. Како што е познато, Сашо Мијалков е веќе во Шутка откако му беше определена мерка притвор до правосилноста на пресудата во случајот „Таргет-Тврдина“ во кој е осуден на 12 години затворска казна.
