Орце Тодоровски ја доби битката пред Судот против Данела Арсовска, поранешна градоначалничка на Град Скопје: Утврдена клевета за обвинувањата околу набавката на автобуси

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Основниот граѓански суд Скопје донесе пресуда со која делумно го усвои тужбеното барање на Орце Тодоровски, утврдувајќи дека бил наклеветен со јавно изнесени невистинити тврдења поврзани со наводна набавка на 150 автобуси од Унгарија.

Според пресудата, Судот оценил дека преку јавни настапи и средства за јавно информирање биле изнесени невистинити информации дека Орце Тодоровски, како поранешен помошник генерален директор на Македонската радио-телевизија, заедно со поранешниот директор на ЈСП Скопје, Игор Јанушев, договарале набавка на 150 автобуси од Унгарија.

Судот утврдил дека со ваквите тврдења биле повредени честа, угледот и достоинството на Тодоровски. Поради тоа, Град Скопје е задолжен да му исплати надомест за нематеријална штета во износ од 10.000 денари, со законска затезна камата, како и да ја објави изреката од пресудата во дневен весник.

Во пресудата, Данела Арсовска е задолжена да му ги надомести трошоците на постапката во износ од 16.457 денари, додека дел од тужбеното барање, кое се однесувало на повисок паричен надомест и објавување на пресудата на насловна страница на дневен весник, е одбиено како неосновано.

Со оваа одлука, Судот потврдува дека изнесувањето невистинити информации кои можат да му наштетат на угледот на едно лице претставува основ за граѓанска одговорност и заштита на личното достоинство. Пресудата предвидува обврските да бидат исполнети во рок од осум дена од нејзиниот прием, во спротивно може да следува присилно извршување.