Поранешните вработени во безбедносните служби Горан Грујевски, Тони Јакимовски, Никола Бошковски и Валентина Симоновска се виновни за уништувањето на опремата за прислушување. Грујовски, кој е во бегство, доби затворска казна од над 14 години, а неговиот колега од УБК, Бошковски, кој исто така не е достапен, е казнет со над 9 години затвор. Како што истакна судијата Илија Трпков, одговорноста за овој предмет барем малку ќе ја задоволи правдата за прислушувањето. Тој кажа дека опремата била уништена кај Новоселски пат, а потоа уште била помината низ дробилица во Маџари. Дел од обвинетите пак, имале и закани од Грујовски, кој им велел дека ќе им биде исечен јазикот.
„Длабоко се навлезе во приватноста на прислушуваните личности. Со тие прислушкувани разговори се држеа како заложници многу луѓе, целата држава се држеше во залошништво. Всушност, на тој начин се контролираа бунтовните граѓани, граѓани кои имаа некакво влијание во општествениот живот.“, додава Илија ТРпков.
Во овој предмет единствено беше ослободена поранешната министерка Гордана Јанкуловска, која наводно дознала за уништувањето на опремата кога веќе и истекувал мандатот како министерка.
„Задоволни сме од пресудата, чекаме Апелација да ја потврди истата и понатаму се надеваме дека, ако не во кривична постапка, тогаш во граѓанска постапка ќе се утврди кој го вршел прислушувањето и да се надомести нематеријалната штета што Гордана Јанкуловска ја има претрпено како една од најголемите жртви на прислушувањето.“, вели Влатко Илиевски.
Љупчо Шврговски кој е адвокат на Тони Јакимовски најави жалба. Јакимовски е поранешен шеф на кабинетот на Сашо Мијалков и доби три години затвор.
„Од она што беше истакнато од страна на Судот, читајќи го диспозитивот на обвинението, а тоа е фактички изворник на самата пресуда, не сме задоволни и во тој дел сигурно ќе поднесеме жалба.“, вели Љупчо Шврговски.
Судењето за предметот „Тврдина-Таргет“ почна во 2017 година, а првата првостепена пресуда беше во 2021 година, но веќе следната година, Апелациониот суд Скопје го врати предметот на повторено судење. Мијалков првично беше осуден на 12 години затвор, но во меѓувреме му застаре делото, а предметот продолжи единствено со утврдување на одговорност за уништувањето на опремата, а не и за самото прислушување.
