Иако Османи оцени дека има прогрес во разговорите со Бугарија, сепак тој вели дека и натаму постојат отворени прашања поради кои се уште не може да се каже дека е постигнат договор. Тој не сакаше да открие за кои точки станува збор, само рече дека тоа е дел од Договорот и пакетот 5+1.
„За гаранциите во делот на имплементација на Договорот од 2017 година, а знаете дека идентитетските, односно јазикот не е дел од тој Договор. Во делот од прашањата од пакетот 5+1 кои што сега се нарекуваат политички пакет на прашања тие ги разговаравме за тоа како, на кој начин, што би содржело решението на едната или на другата точка меѓутоа се уште сме разединети“, вели Бујар Османи.
Во врска со можните најави Албанија да побара раздвојување на пакетот со Македонија доколку во јуни нема одлука за започнување на преговорите, Османи рече дека такво нешто е можно, иако оцени дека тоа ќе ја отежни нашата позиција.
„Прво ќе создаде перцепција кај европската јавност дека процесот во регионот се движи, а сега сите се алармирани дека е блокиран и се обидуваат да најдат решение. Во такви услови прво ќе се создаде перцепција дека работите се движат, а за нас нема да се движат и второ, ние би останале изолирани и уште под поголем притисок за да направиме потешки компромиси“, додава Бујар Османи.
Во вчерашното гостување на Клик плус на ТВ21 претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски рече дека во Бугарија има сили кои работат за овој дел од регионот да остане црна дупка. Османи одбегна да ја коментира ваквата изјава само рече дека очекува конструктивност од опозицијата.
„Таму постојат сили кои што континуирано измислуваат теми се со цел овој дел од Балканот да остане црна дупка во рамките на Европскиот континент, а не да биде интегриран онаму каде што му е местото а тоа е Европската унија. Ако во Украина се случува агресија со тенкови, во Македонија се случува политичка агресија од исток“, истакна Христијан Мицкоски.
„Мислам дека е важно и опозицијата да биде конструктивна. Не очекувам да биде во ист став со нас, нека не критикуваат нека најдат начин и да не охрабрат и да не притискаат меѓутоа не до линија да се биде деструктивен, кон ова прашање. Не можам да кажам дека во моментот се деструктивни“, вели Бујар Османи.
Османи оцени и дека последната средба на Историската комисија што се одржа во Софија била успешна, но за последната изјава на копретседателот Ангел Димитров дека Македонија е тројански коњ на Русија, Османи ги нарече тешки и неосновани квалификации.А, утрово на Меѓународниот аеродром Скопје, министерот Бочварски, ги пречека патниците кои пристигнаа со првиот комерцијален лет на релација Софија – Скопје. Со ова започнува да се реализира редовната авиолинија Софија – Скопје што произлезе од договорот меѓу мешовитите владини комисии на двете земји.
