Длабока политичка криза што ќе предизвика да не можат да се одржат локалните избори, најавува потпретседателот на ДУИ Бујар Османи. Тој ова го изјави во емисијата Дејли клик на ТВ21 говорејќи дека во состојба кога се деградираат правата на Албанците не може да се одржуваат избори. Без да се врати балансерот, без да се врати легитимитетот и да се гарантира јазикот ќе има политичка криза, порача Османи. Но, како од позиција на опозиција ДУИ ќе го спречи одржувањето на локалните избори?
-Ќе се создаде длабока политичка криза која што ќе оневозможи одржувањето на избори без да седнеме уште еднаш, изјави Бујар Османи, потпретседател на ДУИ.
ТВ21: Вие можете само како пратеници на ДУИ, да го напуштите Собранието.
Османи: Не е во прашање ДУИ. Албанците нема да дозволат. Ти нема да дозволиш утре да дојдеш на работа како ништо да не се случило бидејќи тоа е морална, национална и човечка обврска кон оние што дадоа живот за овој јазик.
Но, според ВРЕДИ, ваквите изјави на ДУИ се затоа што се целосно изолирани и како што велат Ахмети е очаен за внимание. Оттаму додаваат дека најавите за бојкот на локалните избори се неодговорни и покажува дека имаат страв од пораз. Градоначалникот на Тетово Касами, пак, смета дека со ова Ахмети го штити незаконското богатење изминатите години.
-Тоа е план за отчетност на Бујар Османи и неговите сопартијци, за сите злоупотреби што ги имаат направено. Ние знаеме дека за некои од тие злоупотреби веќе има кривични пријави и постапки пред органите на правдата, некои други се процесираат, и наскоро ќе биде известена јавноста, и тоа е маката на Бујар Османи а не дискриминацијата на Албанците или некаков фиктивен план од нивно време што не постои, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Не може да има политичка криза бидејќи ДУИ не е на власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
-Што се однесува до изјавата на Османи тоа претставува еден очаен обид на ДУИ да се факторизираат пред локалните избори затоа што со ваквата реторика укажуваат само дека се спремни да условуваат демократски процеси во име на личен теснопартиски интерес. Политичка криза не е можно да има затоа што тоа што ДУИ не е на власт не може да се третира како политичка криза туку како јасно изразена волја на граѓаните на слободни, фер и демократски избори, изјави Бране Петрушевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Локалните избори најверојатно ќе се одржат во првата половина на октомври, а дел од партиите веќе се подготвуваат и најавуваат дека во текот на наредниве месеци ќе ги објават нивните кандидати за градоначалници и советници.
