Османи организира ифтар за противкандидатите – нема покани за Јакимовски и Ванковска

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Кандидатот за претседател од ДУИ, Бујар Османи ги покани на заеднички ифтар неговите противкандидати Пендаровски, Силјановска Давкова, Арбен таравари и Максим Димитриевски. Но поканата не важеше и за другите кандидати Стевчо Јакимовски кој се најде на црната листа на САД и Билјана Ванковска, кандидатка од редовите на Левица. Ванковска не ја знае причината но се сомнева дека Османи прави негова лична црна листа за тоа кого ќе покани.

„Разбрав дека господинот Бујар Османи не ме поканил на вечера/ифтар заедно со останатите, каде планира да разговараат за избор на европски претседател. Османи очигледно прави свои „црни листи“ на подобни и неподобни. За Јакимовски му е јасна поентата (се наоѓа на американска црна листа), но за мене можеби знае нешто што јас не го знам…  Нека им е на здравје вечерата на тие што ќе ја прифатат. Јас не припаѓам во тоа друштво“, вели Билјана Ванковска.

Според другиот кандидат кој не беше поканет на ифтар, Стевчо Јакимовски, ваквото однесување на Османи не е културно.

Вели дека овие ифтари се прават по потреба, односно за изборната кампања.

Кандидатот од ВРЕДИ, Арбен Таравари рече дека нема никаков проблем да седне на маса за ифтар со Османи и другите, но додаде дека неговата агенда е пренатрупана и однапред закажана.

„Нема никаков проблем. Во принцип сум за седнување со сите кандидати но се надевам да не се совпадне со некој датум бидејќи имам закажано датуми и агендата ми е полна. Доколку најдеме заеднички термин јас сум за тоа да организираме заеднички ифтар“, вели Арбен Таравари.

Целта на заедничкиот ифтар како што рече Османи, е да разговараат за позитивна и конструктивна кампања и да биде тоа натпревар на идеи за европски претседател.