Османи подготвен да и објасни на ВМРО-ДПМНЕ, Милошоски: Нема што да бара во седиштето, нека дојде во Собрание

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, изрази подготвеност преговорите меѓу Скопје и Софија да ѝ ги презентира на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од кои се надева на повеќе конструктивност, иако како што вели, разбира дека дневната политика не ги остава намира.

-Јас бев отворен да станам мост меѓу власта и опозицијата. Јавно ѝ понудив на ВМРО-ДПМНЕ да отидам во нивната канцеларија и да им ја презентирам дебатата со Бугарија“, рече Османи.

Во однос на изјавата на шефот на дипломатијата, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски има две дилеми – или Османи не го прочитал Деловникот или се прави наивен.

Милошоски потсетува дека европски стандард е Собранието да биде контролен механизам. Обврска на министерот за надворешни работи, вели тој, е најмалку двапати годишно да се појави пред собраниската Комисија за надворешни работи. Додава дека ќе се обидат уште неколкупати да го донесат Османи во Собрание за да ги даде потребните објаснувања. Доколку не го стори тоа, Милошоски најави иницијатива за недоверба на Влада или интерпелација кон министрите поединечно, во зависност од чекорот кој ќе го преземат.