Османи: Повеќе од една година Македонија воопшто не се споменува во Брисел за членство во ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, во емисијата „Click Plus“ на ТВ21 зборуваше и за европската перспектива на Северна Македонија. Тој, меѓу другото, изјави дека веќе повеќе од една година земјата воопшто не се споменува во Брисел кога станува збор за членството во Европската Унија.

„Томас Вајц беше најгласниот поддржувач. Но, денес тој излегува со став дека Северна Македонија во изминатата година не направила никакви реформи – нула реформи – и дека оваа генерација ја губи шансата. Тој јавно изјавува вакво нешто, човек кој беше најголем поддржувач и кој дури влегуваше во конфликти со бугарските пратеници кога стануваше збор за Северна Македонија, сега вели дека во оваа геополитичка ситуација постои историска шанса која земјата ја пропушта, и дека не се направени никакви реформи. Тоа остава сериозен впечаток“, рече Османи.

Тој додаде дека, според информациите што ги има од Брисел, на состаноците за земјите-кандидати редовно се даваат оценки за напредокот.

„За секоја држава има оценки – позитивни или негативни. За Црна Гора веќе започнала подготовка на договорот за членство и се споменува 2028 како можност. За Албанија се посочува 2030 година. За Босна и Херцеговина има одредени критики. Но, Северна Македонија повеќе воопшто не се споменува. Веќе повеќе од една година е оставена на страна“, изјави Османи.