Од тоа дали Бугарија ќе го крене ветото во јуни ќе зависи и дали ќе се спасат односите меѓу нашите две земји, но таа одлука треба да ја донесе официјална Софија. Ова го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој додаде дека Македонија направи се што требаше и ја потроши целата енергија за да постигне договор со Бугарија. Ќе треба еден ден да се стави црта и да се каже доста е на овие бесконечни фрустрации и разочарувања а тоа им го кажуваме на сите, но и на Бугарија за во јуни да не се пропушти можноста за да се спаси тоа што е изградено досега, истакна Османи.
„Можеби ова е единствената и последна шанса за да се спасат односите помеѓу нашите две држави, затоа што сметам дека понатаму ќе има се помалку и се поразредена политичка енергија. Мислам дека треба да се седне и да се каже отворено – сериозни сме во ова или ќе продолжиме вака да играме процес. Мислам дека е доста веќе“, истакна Бујар Османи.
Договорот со Бугарија останува важен стожер во натамошните односи и никој не смее да го стави под прашање, но смислата се губи во обидите за надминување на разликите за да се почнат преговорите, истакна Османи. По одржаната заедничка владина седница меѓу Македонија и Бугарија, беше планирано да има уште една таква седница, но шефот на македонската дипломатија вели дека во вакви услови најверојатно тоа нема да се случи.
„Планот ни беше и се уште е, некаде кон крајот на мај да има втора меѓувладина седница помеѓу нас и Република Бугарија. Меѓутоа тоа ќе зависи малку и од овој другиот политички процес бидејќи навистина не сметам дека доколку овој политички процес на разговори потфрли ние треба сега да покажуваме како односите ни се одлични во другите работни групи бидејќи тоа ќе биде парада а нема да има суштина во тоа“, посочи Бујар Османи.
Османи рече дека обидите за надминување на спорот со Бугарија ќе продолжат и во наредните недели до крајот на француското претседателство и се надева дека наредните недели ќе има конкретни чекори. И претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски очекува од Европската унија да даде зелено светло за преговорите со земјава.
„Ги охрабрувам лидерите на земјите членки во Европската унија исто така како што се обединивме околу кршењето на меѓународното право во Украина, да се обединат околу кршењето на меѓународното право кога станува збор за Македонија и правото кои што и се крши и се оспорува од страна на една земја членка на Европската унија, поради нивните хегемониски барања и не спречува во изминатиов период да ги почнеме преговорите“, вели Христијан Мицкоски.
Вчера и претседателот на државата Стево Пендаровски рече дека доколку на Самитот на Европската унија што треба да се одржи кон крајот на јуни повторно не ги почнеме преговорите дека треба да полека да го намалиме притисокот дома и да се свртиме кон внатрешните реформи.
