Фактот што сега Бугарија има политичка влада го отвора патот за пронаоѓање решение на спорот и одблокирање на патот на Северна Македонија кон Европската унија. Ова во интервју за бугарската Нова Тв го изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи кој воедно истакна дека во последен период односите и довербата меѓу Бугарија и Македонија се влошени, но дека сепак договор е можен уште следниот месец. Според него предлогот на Петков за решение на спорот во текот на 6 месеци е предолг период.
За прашањето на македонскиот јазик според кој Бугарија бара тој да се нарекува јазик на Република Северна Македонија, Османи вели дека ставот на Македонија е истиот оној кој е предложен и од Европската комисија – дека тоа е македонски јазик и не треба да биде дел од спорот.
Бугарскиот премиер, пак, Кирил Петков за спорот меѓу Софија и Скопје вели дека досегашниот процес треба да има надградување и тоа во областите на економијата, културата и други сфери. А периодот од 6 месеци за кој тој говореше очекува реални резултати.
На интервјуто на Османи реагираа од ВМРО-ДПМНЕ од каде велат дека шефот на дипломатијата заедно со премиерот Заев постојано измислуваат изговори зошто немаме почнато преговори.
Претходно Османи истакна дека биле испорачани одговори до Бугарија за надминување на отворените прашања, но не откри за што точно се работи.
