Младиот македонски музичар Петар Саркањац, дипломец на Беркли колеџот за музика во Бостон, денес на 21 јуни во Сули ан во Скопје ќе го промовира својот деби албум „Соборот на зборовите“ (Conference of Grammars), а во интервју за ТВ21 открива дека овој проект претставува круна на неговото досегашно творештво.
На сцената ќе му се придружат вокалисти и музичари од Националната опера и балет и Македонската филхармонија. Првиот сингл од албумот, „Олимп“, беше објавен на 15 јуни, а во него гостува Андријана Јаневска.
Билетите за концертот се достапни онлајн, а во пресрет на вечерашниот возбудлив настап, со Саркањац разговараме за промоцијата на албумот и неговата музика, за емоциите што таа ги буди и необичните жанровски комбинации, за студирањето надвор од Македонија и стекнатите искуства на престижниот Беркли, како и за неговите идни планови.
TВ21: Како се чувствуваш пред првото големо претставување на деби албумот „Соборот на зборовите“?
Саркањац: Возбудено, нетрпеливо, и малку уморено. Го подготвувам проектот веќе две години откако почнав да ги конкретизирам аранжманите.
TВ21: Што најмногу те возбудува во пресрет на промоцијата?
Саркањац: Презадоволен сум како се одвиваат пробите со жичаниот квинтет и тоа што ќе ги диригирам песните ме возбудува. Веќе кога толку време сум поминал со музиката посебно задоволство е да ја слушаш изведена во живо пред твои очи. Нема подобро чувство од успешен и стегнат настап или сесија.

TВ21: Што за тебе значи овој момент?
Саркањац: Ова е кулминација на последните 10 години творење. Хронолошки се наредени песните: првата и втората трака на албумот ги напишав во средно, после третата и четвртата за време на Корона пандемијата, од петта до осма во втора година од факултет, а деветтата последнава година. Десеттата исто ја почнав во последната година на факултет, но ја завршив кога се вратив од Бостон во Скопје. Ова е сега целовито дело коешто сметам дека вреди да се сподели. Се трудев да изберам песни за да има целина без „филер епизода“. Следното нешто сакам да го правам ќе биде помалку тешко и повесело. Сега ми е некако пресериозна музиката на албумов. Но, морав да го извадам од глава и да го ставам на ноти, за потоа да продолжам со нешто поприемчиво.
TВ21: Какви се реакциите што ги добиваш од луѓето кои веќе ја слушнале музиката?
Саркањац: Неколку колеги на факултет ми имаат речено дека никогаш не чуле вакво нешто. Тоа е и добра и лоша работа: тешко е да се твори кога пробуваш да изградиш свеж музички идиом. Многу често не им се допаѓа тоа на луѓето. Се сеќавам како моите колеги реагираа кога ја презентирав петтата песна во друг аранжман на час по продукција. Две-три позитивни реакции, и десеттина негативни и тоа бурни реакци. Побитно ми е таква реакција да имам од рамнодушно „топ е“. Од друга страна, првиот сериозен обид да творам во дур беше Олимп, песна која штотуку излезе како сингл и може да се чуе на Spotify. Има многу позитивни реакции на оваа песна, која е посветена на татко ми. Патем, тој ја нарекува „плачката“ бидејќи неколку колеги на факултет се имаат расплакано кога им ја пуштив.
TВ21: Пишуваш на неколку различни јазици, дали секој јазик ти отвора различен емотивен или музички простор?
Саркањац: Не ги зборувам течно јазиците на песните што сум ги напишал, освен македонски и англиски, но по атмосфера шпанскиот ми е некако подуховен и благо меланхоличен. Музички е лесен да се вклопи во мелодија. Португалскиот ми е, пак, весел, детски, и најмилозвучен (меѓу најинтересни фонетики има бразилскиот португалски). Музички е синкопиран по природа. Турскиот е магичен и за чудо лесен за поезија. Тој е возвишен, длабок, и пријатно чуден. Граматиката и вокабуларот прават како да е прастар јазик, што го прави да биде особено достоинствен. Англискиот е богат, директен, и ми е занаетски јазик: најпродуктивен сум со него. Меѓутоа, неумешноста или почетничката рамка што ја имам кај други јазици ми помагаат да дојдам до посвежи поетски изрази. Македонскиот ми е најдлабок и најемотивен. Само тој го надвладува умот и може директно да влијае на нервниот систем, најбргу те смирува и најбргу те збеснува. Кај другите јазици осеќам малку поголем јаз помеѓу искажената мисла и она што доаѓа од срцето.
TВ21: Имаш ли песна на албумот што најдобро те претставува како автор и зошто?
Саркањац: Деветтата ми е најдобра песна. Мислам дека највеќе може да комуницира со луѓе. Другите се малку поопскурни.
TВ21: Самба, фадо, метал и фолк не се жанрови што често ги слушаме заедно, како дојде до оваа необична комбинација?
Саркањац: Оригинално песните не се наменети за жичан квинтет. Една песна е баш самба, друга е neo-soul/alt-rock, фадото е мешано со салса. Оригиналните елементи сум ги зачувал. Разни песни разна тематика носат. Водам сметка за естетски континуитет. Не ми иде да мешам џент со самба. Четвртата песна следи само самба, шестата има примеси на џент. Работата е што песниве во суштина се многу едноставни, само се чинат посложени заради аранжманите.
TВ21: Што е најважното нешто што го научи на Беркли?
Саркањац: Дисциплина, занает, соработка и комуникација со луѓе од цел свет. Исто дека нема нешто суштински различно што ги прави најдобрите подобри од тебе. Само биле дисциплинирани, упорни, трпеливи, и најчесто многу нормални и океј луѓе.
TВ21: Дали студирањето далеку од дома го промени начинот на кој ја гледаш македонската музика?
Саркањац: Многу поголем интерес ми се пројави за нашиот фолклор додека студирав во странство. Кога се враќав во Скопје свирев кратко време со Симеон Ангеловски во неговиот бенд Калата. Тоа ме инспирираше да направам аранжман за биг бенд користејќи ги мелодиите од Трнушко, јужно македонска народна песна. Покрај тоа, сум ја сакал локалната сцена отсекогаш. Од нашата музика Фолтин и Верка ми биле најинтересени.
TВ21: Колку беше предизвик да работиш со музичари од НОБ и Филхармонијата на проект кој жанровски е толку разновиден?
Саркањац: Со Климент Тодороски, концертмајстор во опера и балет, го снимавме албумот, така што веќе сме другари и ми помогна да ги контактирам другите инструменталисти во квинтетот. Супер се сите и баш пријатно поминуваат пробите, ем со дружба, ем со дисциплинирана работа.
TВ21: Кои автори/музичари најмногу влијаеле врз твоето пишување досега?
Саркањац: Од музичари би ги одвоил Meshuggah, Vildhjarta, Antônio Carlos Jobim, João Gilberto, King Crimson, Fela Kuti, John Scofield, Pat Metheny, Carminho, Billy Strayhorn, John Adams, Maurice Ravel, Igor Stravinsky, David Bowie, Queen, Tigran Hamasyan, Megadeth, и Metallica.
TВ21: Ако треба со една реченица да ја опишеш приказната што ја раскажува албумот, како би звучела таа реченица?
Саркањац: Сите овие емоции и фази што ги опфаќаат песните се имаат собрано за да те воздигнат да бидеш најсилен и најспремен вистински да живееш.
TВ21: По синглот со Андријана Јаневска, дали планираш и други соработки и дали може да ни откриеш?
Саркањац: Во албумот соработувам со Виктор Тумбас, Симе Златков, Илчо Нечоски (Дупер), Елена Васова, Авијана Гедлер од Бостон, Таис Морел од Куричиба во Бразил, Иван Лопез Санс од Валенција, Шпанија, Џими Лин од Кина (помлад колега на Беркли), и Елиф Санчез (Турчинка одамна дипломирана на Беркли). Првата песна е измиксана од Форестер Савел, австралијански продуцент кој работел со Animals as Leaders, Karnivool, и Tesseract.
TВ21: Ако можеш да поканиш еден светски музичар да настапи со тебе на следниот концерт, кој би бил и зошто?
Саркањац: Jacob Collier го почитувам многу и ме интересира како размислува.
TВ21: Ако „Соборот на зборовите“ беше разговор меѓу сите јазици што ги користиш, која би била последната реченица што би си ја кажале меѓусебно?
Саркањац: Последниот стих во албумот е – „Ти ѝ даваш битие на мојата небиднина“.
