Османи утре и задутре во Брисел на Северноатлантскиот Совет на НАТО

НАЈНОВИ ВЕСТИ

На 23 и 24 март, 2021 година, министерот за надворешни работи на Република Северна Македнија, Бујар Османи ќе учествува на редовниот состанокот на Северноатлантскиот Совет на НАТО на ниво на министри за надворешни работи, што по пауза од една година заради КОВИД 19 пандемијата, ќе се одржи со физичко присуство во Седиштето на Алијансата.

Дисусијата на состанокот е предвидено да вклучи прашања од приоритетен интерес за НАТО, како што се состојбите во Авганистан, влијанието на глобалните геостратешки односи врз безбедноста на евро-атлантската област, како и пошироката регионална стабилност.

Министрите за надворешни работи ќе се осврнат и на развојот на агендата во врска со „НАТО 2030“, се очекува да дадат свои коментари и сугестии во однос на идната геостратешка улога на Алијансата и справувањето со идните безбедносни предизвици, како и да одобрат неколку одлуки во врска со темите што се предмет на дискусија.

Министерот Османи, ќе биде прв политички претставник од Република Северна Македонија кој физички ќе присуствува на состанок на Северно-атлантскиот совет од зачленувањето на нашата земја во НАТО, во март минатата година, што ќе биде искористено да оствари и неколку билатерални средби со министри за надворешни работи на земји-членки на НАТО и партнери.