Османи во дилема дали да се повлече од домашната политика ако не победи на претседателски избори, го советуваат да се кандидира за секретар на НАТО?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Странски пријатели го убедуваат актуелниот министерот за надворешни работи и кандидат за претседател од ДУИ, Бујар Османи да се кандидира за генерален секретар на НАТО Алијансата.

Дипломатски извори за ТВ21 велат дека на неколку средби му сугерирале на Османи после мандатот како Министер за надворешни работи да ја разгледа можноста да се кандидира за генерален секретар на НАТО.

ТВ21 го праша Османи и МНР во текот на вчерашниот ден, но од таму ниту демантираа, ниту потврдија.

По 24 часа, Османи одговори и потврди дека има предлози до него од меѓународни организации.

„Точно е дека имам некои препораки за некои меѓународни организации, но сега се фокусирам на моите политички ангажмани во земјата“, вели Османи за ТВ21.

Останува да се види дали Османи ќе се повлече од домашната политичка кариера и ќе се пресели во меѓународната доколку не успее да стане претседател на Македонија.

Инаку, нема формален процес за избор на генерален секретар на НАТО. Членките на Алијансата традиционално постигнуваат консензус за тоа кој треба да ја преземе функцијата генерален секретар. Оваа постапка често се одвива преку неформални дипломатски канали, но може да биде и оспорена.

Јенс Столтенберг останува на функцијата генерален секретар на Алијансата до 1 октомври 2024 година, откако минатата година мандатот му беше продолжен за уште една година.