Османи: Зад клубот во Благоевград стои спорна фондација – „Тоа што не нарече Фон дер Лајен Северномакедонци е само лапсус“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи нема да оди на отворањето на македонскиот клуб Никола Вапцаров во Благоевград, бидејќи како што вели, тоа не придонесува во унапредувањето на односите меѓу двете земји. И бугарските клубови во земјава но и овој во Благоевград нема за цел да ги подобри односите.

Тој откри дека зад овој клуб стои одредена Фондација од Канада која не работи за стратешките интереси на државата. Отворањето на клубот е закажано за в недела на која државниот врв се изјасни дека нема да присуствува, а своето присуство единствено го најави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој рече дека оди како поддршка на Македонците во Бугарија.

„И клубот овде не е во функција на бугарската заедница и на добрососедските односи и овој клуб финансиран од ова канадско здружение не е во функција на македонската заедница или на меѓусоседските односи. Фактот што финансиер на овој клуб е тоа здружение за мене е доволно да ми покрене аларм дека ова нема добра намера оваа иницијатива. Дајте да видиме да зборуваме со луѓето, да видиме како да ја вратиме целата нормална траекторија“, вели Бујар Османи.

За тоа дали ќе реагира на изјавата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен која не нарече северномакедонци, рече дека не треба да замеруваме за лапсус, имајќи го предвид самиот потег што таа за неколку месеци ја посети нашата држава и имаше коректен однос кон нас третирајќи не како сериозна земја кандидат за членка на Европската унија.

„Треба да бидеме коректни. Во целата нејзина прес конференција таа беше толку коректна по однос на јазикот, по однос на другите идентитетски атрибути. Да има такви прес конференции по однос на тоа што нас ни е важно по однос на тоа дека јазикот станува еден од службените јазици дека припаѓате кај нас и еден лапсус од тоа да создадете анимозитет кон тој интерес што го покажува, не знам дали ќе го имаме постојано“, додава Османи.

По посета на фон дер Лајен, земјава како поддршка во економската криза доби 80 милиони евра, а воедно влеговме и во платформата за набавка на гас на земјите од Европската унија.