Османи: Законот за застапеност го легализира југословенскиот концепт – Сали со одговор: Гарантира реална и транспарентна застапеност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, го оспорува законот за правична и соодветна застапеност, бидејќи според него, овој закон го легализира југословенскиот концепт. Османи го критикува фактот што законот ја става меритократијата над етничката припадност, аргументирајќи дека овој пристап историски бил користен за да се заобиколат Албанците.
Според Османи, механизмот „балансер“ бил најдобрата гаранција за правична застапеност и не треба да се замени.

„Тој закон не смее да помине, тој закон го легализира исклучувањето, го легализира југословенскиот концепт на третман на Албанците, затоа што има два моменти таму за кои јас зборувам. Ја става меритократијата над етничката припадност, наводно прво кандидатите ќе се оценуваат кој е најдобар, потоа како втора категорија етничката припадност. Но, ние 50 години сме биле исклучувани така, велејќи дека овој е подобар и повреднуван. Балансерот беше најдобрата гаранција“, вели Османи.

На ставовите на Бујар Османи одговори вицепремиерот Беким Сали, кој ги отфрла обвинувањата за враќање на стари модели, иронизирајќи со „југословенската носталгија“. Според Сали, новиот закон не е политичка импровизација, туку производ на експерти и сериозен обид да се гарантира реална и правична застапеност за Албанците и сите заедници.

„Не знам каква носталгија имаат со Југославија и со наследниците на Југославија, со српската држава. Законот за правична и соодветна застапеност го изработивме со експерти кои се од оваа област. Ние како политичари го оценуваме како чекор кон реално исполнување на правата на Албанците, но и на сите малцинства кои живеат во нашата држава. За првпат имаме закон, не се базираме на волјата на изразување на кандидатите, не се базираме на софтвер кој можел да се манипулира и во минатото“, изјави Сали.

Инаку, за предлог-законот за правична и соодветна застапеност Владата даде зелено светло на 7 април, сепак истиот сè уште не е доставен пред пратениците.