Османи: Жалам за одлуката за амбасадорот – Гир: Изјавите на Џамбаски не се дел од вредностите на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Повторно затегнување на односите меѓу Бугарија и Македонија, откако вчера бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков го повлече нивниот амбасадор во нашата земја. Министерот за надворешни работи Бујар Османи на денешната седница за пратенички прашања изрази жалење за последните потези на официјална Софија особено со повлекувањето на бугарскиот амбасадор, и дека источниот сосед потклекнал на провокациите.

„Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор кој што сметаме дека е неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален. Република Северна Македонија покажа силен демократски и институционален капацитет и низ брза и ефикасна постапка го стави последниот инцидент низ правосудните процеси“, вели Бујар Османи.

Меѓутоа наспроти ваквиот смирувачки тон на Османи бугарскиот технички министер за надворешни работи Николај Милков во денешното интервју за БНТ со низа обвинувања кон македонските власти. Вели дека бугарскиот амбасадор нема да биде вратен во Скопје набргу, и дека е можно да бидат стопирани заедничките проекти, а за тоа дали е можно ново вето, тој вели дека Македонија воопшто не ги почнала преговорите со Европската унија. Недоличните провокации од Џамбаски се обиде да ги релативизира.

„Во однос на, да кажам, контранападот кон Ангел Џамбаски и други наши политичари мислам дека тоа е сега дел од некаков нов наратив македонски кој се обидува да ги омаловажи прво нападот на Бугарите, системските напади на бугарските клубови и бугарските личности таму кои ескалираат. Ние испративме до сите држави членки писмен меморандум за тие прашања, и веројатно ќе има средба со сите пратеници на државите членки“, додава Николај Милков.

За заканите кои деновиве постојано пристигаат од Џамбаски осуда стигна и од евроамбасадорот Дејвид Гир.

„Во врска со неодамнешните изјави на европратеникот Џамбаски за територијални претензии, и Европскиот парламент и бугарското МНР се оградија од овие изјави. Таквите тврдења не ја претставуваат и не можат да ја претставуваат ЕУ. За вчерашните забелешки кои претседателот Пендаровски ги изнесе во однос на изјавата на Џамбаски која  може да се протолкуваат како закана, тоа апсолутно не го претставува ставот на ЕУ. Тоа не ги одразува вредностите на кои е основана ЕУ. Неприфатливо е јавна личност да дава вакви забелешки за било кој, а камоли за демократски избран шеф на држава на суверена држава“, вели Дејвид Гир.

Најновиот развој на состојбите меѓу Бугарија и Македонија за претседателот на ВМРО-ДПМНЕ се еден вид студена војна.

„Кога едната страна попушта се`, коленичи, ведне кичма а другата страна практично добива се, таа страна, во случајов Бугарија мисли дека природно право нејзино е да добие се што ќе побара. Најпрво тргнаа со тезата ќе прогласувале персона нон грата, па потоа се повлекоа. Што чекаат, да дојде 4 февруари, па да се случат инциденти?“, додава Христијан Мицкоски.

Заострувањето на меѓусебните односи меѓу Бугарија и Македонија се случи по претепувањето на секретарот на бугарскиот клуб во Охрид Христијан Пендиков, а речиси во истовреме и се засилија провокациите но и заканите на бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски.