„Ве молам сите присутни за една минута молк за сите жени кои денес не се со нас бидејќи системот не ги заштити“
Под мотото „Нема да не снема“, со транспаренти „Нема слобода без слободни жени“, „Не чекајте крв, постапете веднаш“ ,“Здраво, колку букети ви е животот? „Крвави рози за вас мадам“…стотици граѓани маршираа на осмомартовскиот протест против насилството врз жените и фемицидот. Маршот започна точно на пладне во паркот „Жена-борец“.( 0,27 инсерт) Жените ги положија ружите на земја и гласно побараа правда за Ивана, Катја,за Росица, за Рамајана. ( 0,27 инсерт)
„Како да славиме кога се бориме за опстанок, кога секојдневно умираат жени. Лути сме, тажни сме, гневни сме. Преплавени сме од вести за различни силувања на женското тело и достоинство. За насилства кои секојдневно ја потсетуваат нашата реалност дека жената се уште мора да се бори за својот живот, својата безбедност и своето достоинство“.
„Стојам денес пред вас како мајка која го слушна плачот на малата Катја и не остана нема да стои и да гледа насилство пред нејзините очи. Стојам и како дете кое гледаше насилство во својот дом и немаше глас да се спротивстави. Две деца во плач и во грч се прегрнаа во тој миг и јас и реков дека се ќе биде во ред. Ја утешив и и дадов трошка надеж дека на овој свет правдата постои. Но 45 дена подоцна, таа надеж не беше доволна“.
Фемицидот не започнува со последниот удар туку со првата тишина. Семејното насилство мора да биде приоритет број еден на секоја институција. Не стојте на страна кога ќе видите насилство, реагирајте, за да го разбудиме ова општество од вековен сон – беа пораките од маршот организиран од повеќе граѓански иницијативи и здруженија. Учесниците упатија пораки и до институциите, премиерот и министерот за внатрешни работи.
„Како не ви е срам да се појавите на говорница, после рекорден број на убиства на жени на кои им претходело пријавувано насилство по кое не се постапувало соодветно и да ни порачате да пријавуваме и да не ги повлекуваме пријавите“.
„Министре Росица директно ве контактираше, очајно барајќи заштита додека животот и висел на конец. Како не ви е срам да продолжите со вашите денови, говори, функции и да не изразите сочувство“.
Се упатија кон бистата на Вера Јоциќ за да положат свежо цвеќе. Порачаа дека не се чувствуваат безбедни како жени во македонското општество. Рекоа дека празничните честитки не се доволни, доколку паралелно не се работи на искоренување на родово базираното насилство, економската нееднаквост и системската дискриминација.
