Остануваат уште три дена – преговарачката рамка и датумот „висат во воздух“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ништо конкретно во преговорите меѓу нашата држава и Бугарија за решавање на  билатералниот спор. Потврдата  дојде и од министерот  за надворешни Бујар Османи. Тој потенцираше дека засега не постои конкретна иницијатива и оти за  три дена  не можат да се решат децениските разлики меѓу нашата држава и Бугарија. Според  македонскиот шеф на дипломатијата    решавањето на деценискиот спор не може да функционира со рокови .

„Не можам сега да откријам што и кои иницијативи се прават или ќе се прават наредните денови. Но ставот дека нема да се откажеме  до последниот момент  од овој процес останува и не можам да прејудицирам кој ќе биде исходот,  дали се доволни три дена да се изнајде некое решение . Јас предложив дека решението е во враќање на довербата во Договорот  а не во некој суштински пробив во овие три дена“, вели Бујар Османи – МНР.

Лидерот на опозицијата  Христијан Мицкоски  денеска обвини, дека Владата и Заев преговараат без отчет пред народот .Прес конференциите како денешната на Османи, ги  нарече бесцелни. Мицкоски обзнани и за постоење на таен нон пејпер по ова прашање.

„Главниот проблем е што ниту тогаш ниту денес кога се приближуваме во последните денови од финалните разговори, Заев и Владата преговараат без притоа да имаме општ политички консензус внатре“, вели Христијан Мицкоски – лидер на ВМРО-ДПМНЕ.

Процесот на европските интеграции не е процес којшто е важен само за Република Северна Македонија, туку и за Бугарија и за сите земји членки на Унијата, пред се и за кредибилитетот на Унијата, истакна министерот  Османи, притоа не коментирајќи г и бугарските позиции  по ова прашање .

„Гаранција дека овој договор е единствениот механизам за надминување на разликите,меѓутоа не можам да коментирам различни погледи по однос на тоа како политичари го гледаат решението. Јас мислам дека решението е во она што јас го кажувам, а тоа е враќање на довербата во договорот и во процесот“, додава Османи.

Бугарскиот претседател Румен Радев пак во својата изјава за БНТ  вели дека ќе настојува да се отвори посебно поглавје во преговарачката рамка со Северна Македонија .Како што пренесува БНТ, според Радев, Бугарија мора да ги брани својата историја, јазикот и идентитетот.

Инаку Советот за општи работи на ЕУ на кој треба да се усвои преговарачката рамка, првично беше закажан за 10 ноември, но беше одложен за 17, што беше оценето како дополнително време за Скопје и  Софија  во време  на германското претседателство како медијатор да ги приближат позициите и да постигнат заеднички прифатлив договор.